Во Делчево викендов се уништени информативните табли на Патеката на биодиверзитетот која е изградена покрај реката Брегалница.
Како што истакна Тони Стоименовски од ЛЕР од Општина Делчев која во партнерство со НВО Центар за застапување го реализираше овој проект со донација од Швајцарската агенција за развој и соработка во рамките на Програмата за зачувување на природата, штетата е од околу илјада евра.
– Ова го пријавија граѓани до нас и ние кога излеговме на лице место забележавме оштетување на таблите кои се 21 на број, а кој дел беа откорнати од лежиштето, на некои има видно оштетување, а дел беа фрлени во реката. Ние како општина заедно со ЈП ги извадивме таблите и пријавивме во полиција. Секоја табла чини околу 50 евра, и имаме околу една илјада евра директна штета. За жал ова се донаторски пари, информиран е и донаторот, па нека проценат самите граѓани кој е губитник, а кој добитник од овој вандалски чин, рече Стоименовски.
Тој апелираше до сите надлежни побрзо да го расветлат случајот и да ги откријат стортелите.
– И претходно имавме оштетувања на урбана опрема, на светилки кои се, исто така, набавени со поддршка на донатори, како и беа уништени светилките по велосипедската патека Илин Камен. Општина Делчево е една од ретките општини, каде што тоа што е направено со донаторски средства, сведоци сме дека се уништува, истакна Стоименовски.
Од СВР Штип потврдуваат дека кај нив е пријавено оштетување на информативни табли и оттаму потенцираат дека трагаат по сторителите.