Адвокатот на притворениот актер Кирил Поп Христов – Кили, кој беше уапсен и притворен минатиот петок, бидејќи во подрумот од викенд-куќата на неговата мајка во скопско Визбегово полицијата откри 80 саксии со марихуана, поднел барање со ознака итно за замена на решението за притвор со мерка домашен притвор, пишува „Вест“.
Како аргумент, адвокатот Владимир Данаилов до истражниот судија приложил медицинска документација, со која се докажува дека глумецот е со сериозно нарушена здравствена состојба и оти му е потребно итно лекување.
Го посетив Кили во затвор и се уверив дека неговата здравствена состојба е исклучително влошена. Врз основа на лекарските наоди, актерот има туморска лезија со суспект на канцерна алтернација на грбот. Волуменот на израстокот на грбот е зголемен, односно туморот прогресирал. Дополнително е што има хепатит Ц и оток на црниот дроб, што уште повеќе ја влошува неговата здравствената состојба. А има и скршеница на едната рака, и потребно е да се извади гипсот. Сето ова е повеќе од доволен аргумент дека на Поп Христов му е потребна итна болничка нега – изјавил Данаилов за весникот.