Неопходно е да се изготви програма за лекување и грижа за деца кои користат дроги, чиј број не се намалува и да се воспостави линија на која граѓаните ќе ги пријавуваат. Споредено со минатите години не е подобрена ниту состојбата со децата на улица, децата без родителска грижа, децата кои биле згрижени во определени институции…Треба да се спроведат посебни програми за ресоцијализација и рехабилитација, за да се подобри состојбата.
Ова го истакнаа учесниците на тркалезната маса „Потреби, предизвици и решенија – Што можеме заедно за децата во социјален ризик во Македонија?“, што се одржа во организација на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот.
Драги Целевски од институцијата Народен правобранител упати апел до сите надлежни институции за поголема соработка и за системско решавање на проблемите во општеството во однос на остварувањето на правата на децата особено на децата во ризик.
– Минатата година беше презентирано истражување при што беше констатирано дека присутни се состојби на несоодветен кадар кој работи на овој план, несоодветни услови во кои се третираат или воопшто не се спроведуваат некои посебни програми за ресоцијализација и рехабилитација што треба да бидат преземени за да се подобри состојбата. Не се подобрени состојбите со децата на улица, децата без родителска грижа, децата кои биле згрижени во определени институции и зависници од дрога, рече Целевски.
Според него, надлежни во делот на остварувањето на правата на децата се родителите, образовните институции, потоа институции за згрижување деца, центрите за социјална работа, здравствените институции…
– Апелот е дека секој во својата надлежност да ги преземе соодветните активности за да може проблемите да бидат надминати, додаде Целевски.
Влатко Деков од ХОПС рече дека бројот на децата кои употребуваат дроги не се намалува.
– Во 2018 година ХОПС контактираше 30 малолетни лица кои употребуваат дроги во Скопје. Од нив седум првпат се контактирани во текот на годинава. Најраната возраст на тие деца се седум осум години, главно станува збор за деца на возраст над 12 години, а најголемиот дел се на возраст меѓу 14 и 18 години. Нашата програма е насочена кон најсиромашните, најмаргинализираните, деца на улица, меѓутоа дрога употребуваат и деца кои одат на училиште. Не постои програма за лекување и грижа за деца кои се зависни. Тоа значи дека кога некој има проблем ние не можеме да го препратиме на конкретна програма, за да се лекува, посочи Деков.
Затоа, појасни, Владата минатата година донесе одлука да се формира работна група која ќе ја изработи таа програма и согласно која, тие треба да бидат опфатени. Потенцира дека очекуваат Владата годинава да ја усвои таа програма и да оддели финансиски средства за таа да се спроведува.
– Најверојатно тоа ќе биде посебен центар или во рамките на некоја постоечка институција ќе се отворат простории со посебен едуциран стручен тим кој ќе работи со децата зависни од дрога. Во меѓуресорската комисија за дроги треба да бидат вклучени и граѓанските организации, додаде Деков.
Жаклина Дурмиш од невладината организација „Ден до вас“ од Скопје, пак, рече дека како граѓани немаме свест за прифаќање и помош на лица во социјален ризик, зависници, деца кои просат…
– Потрфла образовниот систем, сето ова треба да го имаме во системот, почнувајќи од предучилишно и основно образование, за да изградиме совесни граѓани кои самите ќе реагираат, да укажуваат на состојби од терен до институциите или до невладините организации. Најчесто граѓаните се обраќаат на СОС линијата на „Меѓаши“, но ние немаме граѓанска свест или знаење и не сме едуцирани за тоа каде треба да се обратиме. Немаме одговорно лице, министерство, линија на која можеме да пријавиме дека сме виделе дете кое користи дроги. Тоа е сериозен проблем и потребно е државата да се заложи да се воспостави линк за пријавување вакви случаи, додаде Дурмиш.