Триесет и седум отсто од децата не се чувствуваат безбедно во училиште, 24 проценти се жртви на физичко насилство

Од:

Триесет и седум отсто од децата во нашите училишта истакнуваат дека не се чувствуваат безбедно во училиште. Дури 24 проценти од децата велат дека се жртви на физичко насилство, покажуваат резултатите од научно – истражувачкиот проект реализиран од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, заедно со тим на професори од Филозофскиот факултет.

Истражувањето е спроведено на повеќе од 2.000 ученици и според професор д-р Софија Георгиевска, дел од тимот којшто работеше на истражувањето, покажува дека насилството е во пораст. 

– Кога зборувам во пораст, ќе се обидам да направам една компарација, пред десетина години, бидејќи токму и темата на мојата докторска дисертација беше насилство врз деца во училиште, така што, ако тогаш имавме деца кои можеби не го препознаваа или во помал број го идентификуваа насилството, иако тогаш воопшто не зборувавме за дигитално или сајбер насилство. Денес можам да кажам дека дигиталното насилство е едно од најчестите проблеми со коишто младите или децата се соочуваат. Тоа што за мене е фрапантен податок е дека 37 отсто од децата истакнуваат дека секојдневно не се чувствуваат убаво и безбедно во училиште, изјави Георгиевска.

Додаде дека не секогаш децата знаат да го идентификуваат насилството. 

– Некогаш ќе кажат дека некој се пошегувал, меѓутоа дека тоа не е насилство. Меѓутоа, доколку ги прашаме како се почувствувале во тој момент, велат дека не им било пријатно и дека ако тоа се случува повеќе од двапати во неделата, не сакаат да одат утре во училиште. Мислам дека тука некаде треба да го запалиме алармот, којшто треба да ни покаже колку треба да работиме со нашите деца. Некако сите станавме експерти за траума, сите зборуваме за траума. Кога ќе се случи траумата, гледаме колку малку всушност знаеме за траумата кај децата и уште помалку, колку малку знаеме за развојните трауми со коишто се соочуваат децата, нагласи Георгиевска.

Женските деца, посочи Георгиевска, се многу поемпатични, посензитивни и во многу поголема мера извршуваат психичко насилство, но и се жртви на психичко насилство. Кога станува збор за физичкото насилство, пак, најчесто машките деца се оние кои во поголема мера го вршат.

Геогиевска апелира до родителите и до наставниците да разговараат со децата. Она што за неа е алармантно е што 27 проценти од децата не знаат како и на кого да му соопштат дека се жртви на насилство.

– За мене, поголем аларм е што 27 отсто од децата немаат на кого да му соопштат или не знаат каде да соопштат, доколку се чувствуваат како жртва на насилство. Дваесет и седум е огромна бројка којашто ни вели „јас се чувствувам лошо, а не знам каде да го кажам тоа“. Родителите, наставниците, стручните служби се тие коишто треба да бидат првата алка што ќе му овозможи на детето да каже како се чувствува, да каже што го прави тажно и што е тоа што го прави среќно, истакна Георгиевска.

Заложбите на Владата, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, се да има мирна и безбедна средина во училиштата. Најважно, според него, е да се делува превентивно.

– Делуваме институционално. Секој проект на академската заедница и на граѓанскиот сектор од ваков тип е од голема важност за градење безбедност во училиштата и меѓусебни почитувања и толеранција. Сите заедно треба да промовираме позитивни вредности, за младите да се изградат во квалитетни добри личности и насилството никогаш да не биде опција. Да делуваме превентивно, за да не биде предоцна, додаде министерот.

Во фаза на изработка, како што соошти, е протокол, а првите препораки ќе бидат доставени до училиштата до крајот на неделата.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците