Во земјава во мометов се активни три пожри информираат од Центарот за управување со кризи. Од Центарот велат дека пожарите не се закана за населените места.
Пожарот кај Сарај утрово има тенденција да се разгори и се простира од селото Буковиќ кон селото Чајлане и Матка. На терен се 50-тина припадници на Министерството за внатрешни работи и неколкумина француски експерти за гаснење на пожар.
Пожарот меѓу селата Барово и Вешје е проширен кон висорамнината Витачево, односно кон село Страгово во општина Кавадарци каде гори нискостеблеста шума на тешко пристапен терен.
Интервенираат 60 припадници на МВР, 50 припадници на АРМ заедно со ангажираните сили од субјектите на системот за управување со кризи здружени од повеќе општини.
Припадниците на полицијата што ноќеска дежураа над Барово се веќе повлечени, а вчера францускиот експертски тим дејствувал со контра пожар за создавање на безбедносна одбранбена линија над селото.
Во пожарот во атарот на селото Горно Мелничани во општина Центар Жупа гори букова шума и од утринава испратени се на терен четири пожарникари од Дебар, 10 вработени од ШС „Стогово“ од Дебар, припадници на полиција од ПС-Дебар, градежна механизација и вработени од општина Центар Жупа.
Според информациите од ЦУК, пожарот кој вчера избувна меѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом „Китка“ е ставен под контрола, иако на опожарените места се уште чади поради догорувањето на корењата и гранките.
Локализиран е и пожарот на подрачјето на општина Кратово во местото викано Кормина близу селото Ерменица, а целосно изгаснати се пожарите во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, запалената депонија во Радовиш, како и пожарот кај селото Шипковица на планината Плачковица.