Со дооформувањето на започнатата градба на објектот на Општа болница Струмица, кој е изграден до фаза карабина во 1985 година, Владата ќе реализира уште едно ветување од својата Програма, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Станува збор, како што појасни за објект кој стои речиси 30 години и практично тоа ќе дојде како градба од почеток, со што пациентите од струмичкиот регион ќе добијат нова болница.
– Оваа болница обезбедува здравствени услуги за жителите од Радовиш, Валандово, Дојран, Богданци, Пехчево и Берово, односно за над 230 илјади жители. Според податоците од системот МојТермин само во текот на 2015 година над 53 илјади пациенти се упатени кон оваа болница, а креирани се над 190 илјади упати кон болницата, рече Тодоров.
Тендерот, како што информира министерот за здравство, е веќе објавен, односно отпочната е тендерската постапка за градежните работи на објектот на Општа болница – Струмица, а отворањето на понудите е на 5 февруари. Вредноста на овој проект е проценета на 275.000.000 денари.
– Иако предвидениот рок за овој проект кој го дадовме пред граѓаните во Програмата на Владата беше вториот квартал од 2017 – 2019 година, сепак Владата донесе одлука за повеќегодишна набавка, односно вложи заложби за ова исклучително значајно ветување за граѓаните од Струмица и струмичкиот регион да го реализираме, како што сме ветиле, па дури и пред предвидениот рок, истакна Тодоров.
Со овој проект, како што додаде, предвидено е дооформување и адаптација на постојниот објект, таканаречениот „Хируршки блок“, кој се состои од два блока: блок А и блок Б и со овој проект опфатени се и двата блока со вкупна површина од околу 6.500 м2.