Попладнево на скопскиот аеродром треба да пристигне хеликоптер „Блек хок“ од Чешка со големо ведро од три тона и седумчлен екипаж, кој ќе учествува во гасењето на пожарот на планината Готен од страната на Берово.
Утре рано наутро се очекува и тимот од Словенија, составен од 61 пожарникар и 18 специјални возила за шумски пожари, кој ќе се придружи во акцијата.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов во видеоизјава соопшти дека по синоќешниот состанок на Кризниот штаб на Општина Берово е заклучено фокусот од денеска да биде префрлен од страната на Берово затоа што, рече, „од радовишка страна опасноста е отстранета, не само намалена“.
Посочи дека од рано утрото се спроведува „опсежна акција за стопирање на пожарот“ кој со денови беснее на планината Готен.
Дејствува хеликоптер на МВР, покрај силите на терен – локални пожарникари, 60 припадници на АРМ и 30 специјални припадници на полицијата и голем број екипи на ЈП Национални шуми.
-Четири „БТР 80“ на ДЗС се распоредени на стратешки позиции за во случај огнот да се приближи кон селото да може да дејствуваат со водни топови кои имаат дострел до 100 метри. Околу селата се распоредени и четири „хермелини“ и осум „пинцгауери“ како и голем број возила на територијалните противпожарни единици, комунални претпријатија итн., рече Ангелов.
Тој ги демантираше објавите во текот на ноќта дека пожарот дошол до селото Јаргулица, од радовишка страна на планината Готен, и соопшти дека во тој дел огнот е стопиран.
-За жал, тоа не е гаранција околу пладне, кога температурите се засилуваат, доаѓа до појава на огнот. Има ветер кој знае да биде прилично непријатен и ако се засили да ни предизвика големи проблеми, изјави Ангелов.
Директорот на ДЗС додаде и дека во акцијата за гасење на пожарот на Готен е на највисоко ниво соработката и координацијата меѓу сите институции – Главниот штаб за управување со кризи, полицијата, Армијата, ДЗС, ЦУК, ЈП Национални шуми и локалните самоуправи.