Судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој во јануари годинава, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова која почина на самото место се одложува за 3 септември 2025 година.
Судењето кое требаше да започне денеска се одложи поради отсуство на обвинетиот Зоран Јованов, кој, како што информираше судијката Снежана Марковска, бил неуредно повикан за денешната расправа, што е констатирано од повратниците на поканите кои пристигнале до Судот.
Судијката појасни дека до МВР е испратено и барање за ажурирани адресни податоци.
-Судот испрати барање за адресни податоци до МВР како и барање за достава на покана на главна расправа и обвинителен предлог за обвинет со изјаснување за негова достапност до надлежната полициска станица, од каде по барањето за изјаснување за достапност и врачување на покана со обвинение повратницата е вратена со уреден печат и потпис од примачот, но не е доставена доставница дека истите се доставени до обвинетиот, појасни Марковска.
Покрај обвинетиот, не се појавија ниту неговиот бранител, адвокат Сашо Дуковски, за кого нема доказ за уредна достава, ниту сведокот Софија Черепналковска, која, според известувањето од нејзиниот татко, се наоѓала во странство.
На денешното рочиште беше соопштено дека Обвинителството извршило измена на обвинителниот предлог, со оглед на новоприбавени докази кои промениле дел од фактичката состојба.
– Со оглед на тоа што како пост фестум се појавија и други докази, неминовно беше новата фактичка состојба да се сублимира под поинаква правна квалификација, рече јавниот обвинител Александар Марковски.
Така, наместо претходното обвинение за „предизвикување општа опасност“, сега Јованов се гони за кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“.
– Станува збор за нијанса поблаго кривично дело, но истото беше неминовно поради начелото на специјалитет, објасни обвинителот, додавајќи дека новата квалификација подобро ја отсликува изменетата фактичка состојба.
Судот одлучи повторно да испрати покани до обвинетиот и неговиот бранител, заедно со примерок од изменетиот обвинителен предлог.
Таткото на Фросина Кулакова, кој, исто така, беше присутен на денешното судење како јавност, во изјава за медиуми по рочиштето изјави дека е невообичаено што истата судијка суди по овој предмет, исто како и за предметот против Васил Јованов и најави кривична пријава за тоа.
Обвинението против Зоран Јованов се однесува на тоа дека во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година му дозволувал на својот син Васил, кој немал возачка дозвола и бил рецидивист во сообраќајни прекршоци, да управува возило.