Такси возачите од општините од внатрешноста имаат уште две недели да се пријават за посетување обука за бесплатно изучување англиски јазик во матичните општини.
Рокот за пријавување е до 25-ти овој месец, а јавниот повик на 10-ти минатиот месец го објавија Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Претходно таков повик објави и Град Скопје за таксистите на територијата на главниот град. Обуката за изучување на англиски јазик опфаќа посетување предавање кое ќе го вршат професори по англиски јазик. Предвидени се 40 блок часови, а трошоците за обуката ги покриваат општините.
– Во следниот период е предвидено да се спроведат голем број обуки за бесплатно учење англиски јазик на таксистите, а целта е овозможување поквалитетен превоз, особено кога станува збор за превоз на туристите, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.
Ресорното Министерство ги повикува сите такси-превозници да се пријават и да посетат една од обуките. Овие обуки, посочува, се еден вид олеснување за такси-превозниците да можат бесплатно да го стекнат знаењето за полагање на предвидените испити за познавање на англиски јазик.
Право на учество на јавниот повик имаат сите такси возачи вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија кои не се постари од 62 години и се вработени како такси возачи.
Од јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавањето основен англиски јазик. Тоа подразбира основна способност за комуникација и размена на информации на едноставен начин, како на пример лицето да може да прашува едноставни прашања и да разбира едноставни одговори.