Тајната полиција го удирала со клоци и летва за лажно да сведочи во „Сопот“

Од:

Во образложението на специјалното јавно обвинителство да го повлече обвинението против обвинетите во случајот „Сопот“, бидејќи нема докази, пишува дека исказот на кој се темелела пресудата од сведокот бил изнуден, а тој преживел психичка и физичка тортура.

На 23.05.2003 година сведокот Рамадан Бајрами, во близина на поштата во Куманово бил незаконски упасен од припадници на УБК и бил однесен на непозната локација. Фактот дека приведувањето и задржувањето на сведокот било незаконски СЈО го потврди од изведените докази. Сведокот Рамадан Бајрами, на рочиштето пред судот изјави дека на 23 мај 2003 година се упатил кон полициската станица во Куманово за да обезбеди извод за своето дете и пред трафиката, каде што отишол да купи барање за извод, од непознати лица, за кои подоцна дознал дека биле полициски службеници, бил удрен во задниот дел од главата, кои веднаш му ги ставиле рацете зад грбот и му ставиле лисици. Потоа му ја кренале јакната и му ја ставиле преку главата, по што го ставиле во возило и почнале да го удираат. По возењето од приближно 2 часа, го донеле на непозната локација.

„Во периодот од 23.05 2003 до 29.05.2003 година, кога сведокот бил задржан во објектот на МВР, тој бил изложен на физичка и психичка тортура од припадниците на УБК. Од здравствениот картон од КПУ Затвор Скопје на име Рамадан Бајрами за лекување од 30.05.2003 година од 04.09.2003 година се утврдува дека во пределот на задникот се регистрирани хематоми – крвни подливи, како и дека сведокот примал терапија против силните болки во мускулите и против несоница. Додека пак, вештите лица, психијатрите во вештачењето констатирале дека сведокот Рамадан Бајрами преживувал психичко страдање од силен интензитет предизвикано од наведениот стресен настан“, рече обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми.

Сведокот наведува дека во периодот додека бил држен во објект на МВР, бил физички малтретиран од нивните припадници, односно дека целиот период бил со едната рака заврзан за радијатор, постојано бил малтретиран, удиран со клоци и со летва по целото тело, еден од нив му држел запалена цигара до челото, не му давале доволно вода и храна, а истиот добивал и закани дека ќе го лишат од живот доколку не постапи како што тие му кажуваат.

Целта на тортурата врз сведокот Рамадан Бајрами била за да се издејствува определена изјава. Поради тоа, на 25.05.2003 година од припадниците на УБК тој бил присилен под нивен диктат да напише своерачна изјава за кривично – правниот настан, како и за поединечните задолженија и преземени дејствија на секој од обвинетите. Изјавата требало да ја каже следниот ден пред истражен судија. Фактот дека наведената своерачна изјава од 25.03.2003 година била изнудена, непосредно го потврдува и еден од припадниците на УБК, кој навел дека дента кога разговарал со сведокот Рамадани, тој не му кажал ништо битно за настанот „Сопот“.

Поради ова, СЈО се откажа од обвинителниот акт против обвинетите Сулиман Сулимани, Хасан Клаиќи, Шаќир Сулејмани, Башким Укшини, Шабан Лимани, Самет Љутфији, Муса Клаиќи, Зенел Клаиќи, Архан Бајрами, Сељман Јахији и Африм Укшини за кривичното дело Тероризам.

В.М.

Би можело да ве интересира

Дескоска: Оштетените во „Сопот“ судски да ги остварат своите права

Наум Локоски

ВМРО-ДПМНЕ: Ослободување на обвинетите во „Сопот“ – една од точките во Тиранската платформата

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Зенел Лаиќи: Од прв ден тврдевме дека не сме виновни за „Сопот“

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Јанева: Предистрагата за „Сопот” останува – имаме друга теорија за случајот

Ана Ололовска

СЈО се откажа од обвинението за „Сопот”

Ана Ололовска

Во Кривичниот суд рочиште за „Сопот“

Ана Ололовска