Во Кривичниот суд во Скопје денеска беше одложено рочиштето за случајот „Маџар-Телеком“, поради оправдано отсуство на судијката Ленка Давиткова.
На денешното рочиште требаше да биде сослушан ексразузнавачот Слободан Богоевски.
Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.
Покрај Сендреи и Плат, обвинети се и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Се сомничат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле Македонски телеком и Буџетот на Македонија.
Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО.
Следното рочиште за случајот „Маџар-Телеком“ е закажано за 28 ноември.