Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ одлучи итно да состави стручно тело за изнаоѓање решенија за администрирање на образованието во претстојната учебна година. Одлуката е донесена вчера на вонредна седница на Управниот одбор.
-Земајќи ја предвид комплексноста на состојбата, непредвидливиот курс на промени во земјава, регионот и светот настанати како последица на пандемијата КОВИД-19, како и на фактот дека сê уште на повидок нема конкретно решение за наставата, Управниот одбор и членките на МАСИТ едногласно ја изразија својата подготвеност приоритетно да се фокусираат на изнаоѓање на унифицирано, одржливо и применливо решение за реализација на наставата и образовните процеси во следниот семестар, но и понатаму, соопшти МАСИТ.
ИКТ-Комората наведува дека иако ниту една институција досега не им се обратила за соработка и совет, повод за оваа одлука на МАСИТ е текот на настаните со пандемијата, како и ургентната потреба од решение.
Комората ќе го формира телото како наменски конзорциум од компании членки кои веќе работат на слични решенија за странство и имаат докажана експертиза во областа и ќе понудат унифицирано решение кое е најадекватно за состојбата во која се наоѓа македонското образование во моментов.
– Потребно е унифицирано, стабилно и одржливо решение за наставата во претстојниот период. Образованието, учениците и нивните родители треба да се предмет на итен и неодложлив фокус. Ние како комора, иако не сме консултирани досега, се чувствуваме повикани поради фактот што сите солуции за идна настава се базираат на дигитални решенија и токму на таа основа ќе го работиме проектот кој ќе го понудиме до надлежните институции, објаснува Анета Пешева, претседател на УО на МАСИТ.
Анализите на ИКТ-Комората се базирани на мониторинг на состојбите во земјава и странство и ги земаат предвид сите аспекти на кризата: здравствениот, економскиот, образовниот и социјалниот.