На денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието, се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој дискутираше за поднесените амандмани од опозицијата во врска со финансиските средства за повредените од Кочани.
„Најмногу можам да ги разберам нашите граѓани, бидејќи во изминатиот период нашите граѓани беа метафорички изгорени од тоа да се случуваат случаи а правдата никогаш да не дојде. Ги разбираме граѓаните со нивната недоверба кон системот бидејќи навикнати се на такви трагедии по неколку години да нема никаков епилог, никој да не е виновен, да нема обештетување за семејствата, да биде крив кабелот. Затоа што ние ќе направиме за граѓаните, за тоа како ние ќе им помогнеме нека зборуваат делата и воопшто не е важно кој што ќе каже и што ќе не обвини додека на крајот од денот се покажува реална помош кон тие што им е најпотребно“, рече Стојаноски.
Стојаноски истакна дека со амандманот 148 се бараат финансиски средства од 3 милиони денари за изградба на старечки дом во Кочани, за кој за истиот, Владата обезбедила 199 милиони денари.
„Во амандманот 148 се бара да се обезбедат средства од 3 милиони денари за изградба на старечки дом во општина Кочани. Во моментот тој е в.д градоначалник поддржан од вашата пратеничка група, одобрена апликација за дом на стари лица со капацитет од 141 лице, 199 милиони денари. Господинот Крстевски оваа недела ќе го потпише договорот, од наредната ќе почне постапката и ќе почне да го гради. Сте поднеле амандман за 3 милиони, обезбедени се 199 милиони денари“, истакна Стојаноски.
Пратеникот истакна дека дел од болницата во Кочани се реконструира, адаптиран е просторот Пониква, а обезбедена е и потребната адаптивна облека која е бесплатна, бесплатно лекување во странство и бесплатни лекови.
„Амандманот 202, се бараат средства да се обезбедат за реконструкција на болницата во Кочани. Во овој момент 350м2 од таа болница и неколку оддели се реконструираат, постојат средства во ребалансот за сите овие работи. Адаптиран е просторот во Пониква, обезбедена е бесплатна психолошка поддршка со тим од Скопје на сите оние коишто ќе се обратат до таа. Адаптивните облеки обезбедени се и тие ќе бидат бесплатни, бесплатни лекови има за сите оние на коишто тоа им е потребно, бесплатно лекување во странство и престој за сите оние од најблиско опкружување колку и да е потребно до последен миг, во овој ребаланс има обезбедува средства за ослободување од партиципација“, објасни Стојаноски.