Стојанче ги обвинува Ивана и Мартин дека го наместиле: му ја подметнале дрогата, тепањето не го објаснува

Од:

Обвинетиот Стојанче Јовановски денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека неговата сопруга Ивана му признала оти, под уцена со интимни видеа од страна на Мартин Саздов, му го дала резервниот клуч од возилото, по што, според неговиот исказ, му била подметната дрога.

Јовановски е обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, во врска со трагедијата од 2 март 2026 година, кога неговата сопруга Ивана скокнала од балконот на стан на шести кат заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.

Одговарајќи на прашања, обвинетиот рече дека на почетокот на бракот односите биле нормални и живееле во изнајмен стан, по што со финансиска помош од неговата мајка купиле стан во 2021 година.

– На почетокот на бракот односите ни беа нормални, при што живеевме во изнајмен стан. По одреден период мојата мајка Цветанка ни даде пари за учество за да купиме стан. Тоа го направивме во 2021 година, потоа нормални ни беа односите сѐ до 2022 година кога бев во мобилара во Аеродром да и го земам телефонот на сопругата, при што прочитав пораки, видеа, видео клипови од колега од работа – изјави обвинетиот.

По тоа, како што наведе, ја соочил сопругата, која негирала, а во домот дошла и полиција која направила записник.

Прашан за настаните во текот на 2025 година, обвинетиот изјави дека на почетокот на годината, преку заедничко логирање на Инстаграм, ги прочитал пораките меѓу Ивана и неговиот колега Мартин Саздов, при што разговорите постепено преминале „во поприватни разговори“. Според неговиот исказ, тој директно ги соочил двајцата, но Ивана и Мартин негирале и го нарекле „параноичен“.

Во продолжение наведе дека на 16 август 2025 година, при враќање од свадба во Штип, видел дека сопругата се допишува со Саздов на вибер, по што таа со ќерката Катја излегла од возилото на автопатот и заминала во спротивна насока. Тврдеше дека три часа ѝ ѕвонел, но без одговор и дека не се сеќава како стигнал до Скопје.

– На 16 август 2025 година бевме на свадба кај моја братучетка во Штип, сопругата моја се опијани, беше видно пијана и при враќањето од Штип јас видов дека се допишува со Мартин Саздов, на вибер и неприметно застанав со колата за да прочитам убаво што разговараат. Тогаш прочитав дека Ивана му кажува „се враќаме со овој“ и дека Катја позади во колата спие. Мартин ѝ одговори „и јас се враќам од Штип бев кај другар“. Во тој момент, јас ѝ го побарав нејзиниот телефонски уред, почна да негира и ја отвори нејзината врата од колата, со намера да не можам да и го земам телефонот и да ги прочитам разговорите, при што јас ѝ кажав штом Мартин се враќа навака ти сакаш со него да продолжиш и тогаш ми рече „штом така мислиш, сега ќе ја земам и Катја со мене“. Ја отвори задната врата каде што спиеше Катја и ја зема во раце и почна да оди во спротивна насока по автопатот – рече обвинетиот.

Откако мајката на Мартин Саздов лично го известила дека Ивана ноќевала кај нејзиниот син, оставајќи ја Катја кај сопствената мајка, Јовановски изјави дека почнал да ја следи Ивана. Тој ги видел Ивана и Саздов заедно во населбата Ќерамидница и им се приближил.

– Ми се јави мајка му на Мартин, Маја Саздова и ми рече „се срамам од женскиот род, што постои ваква личност“. Ја прашав за што се работи и ми кажа дека Ивана била кај нив вечерта кога сме се враќале од свадба и дека секоја вечер Ивана спиела кај Мартин, а Катја ја оставала кај мајка ѝ да ја чува. Кога ми го кажа тоа, јас уште истиот ден почнав да ја следам, не отидов на работа, ја најдов пред зградата на мајка и, на „Партизанска“ бр. 45 возејќи електричен тротинет кон Универзална сала. Видов дека после Универзална сала, ја чекаше Мартин со неговото возило, го ставија тротинетот во гепек, таа се качи во неговото возило и продолжија да возат. Стигнаа во населба Ќерамидница го паркираа возилото и се упатија покрај кеј пешки. Ги здогледав од далеку како се бакнуваат и гушкаат, при што му се приближив на Мартин да се пресметам физички. Мартин ми кажа да се смирам бидејќи се собраа многу луѓе и ми кажа да одиме на друго место да се пресметаме јас и него сами. Се согласив на тоа и ми кажа да се упатам карши училиштето „Михајло Пупин“, таму стигнав сам, а тој пристигна со неговиот другар Тони. Во тој момент кога пристигнаа таму, Мартин извади автоматска пушка калашников го впери кон мене и ми кажа дека ќе ме убие. Му ја фатив цевката и му кажав да пука. На левото рамо имам се уште белег од тогаш кога ме удри со цефката. Излезе чуварот и извика дека повикал полиција и дека полицијата доаѓа наваму, при што Мартин се качи во возилото и почна да бега, а јас во намера да го спречам го удрив со моето возило во неговата задна лева врата, при што тој продолжи да вози и избега. Моето возило остана неподвижно, при што повикав пајак служба и го однесоа возилото на сервис каде што им кажав – рече обвинетиот.

Јовановски изјави дека на 29 декември 2025 година, по завршување на работната смена, бил запрен од лица во цивилна облека, кои при претрес на неговото возило пронашле сомнителна материја.

– Јас негирав дека тоа не е мое и дека не може да биде мое, дека првпат во животот го гледам. Ме приведоа во ПС Карпош – рече обвинетиот.

Додаде дека по вештачењето на неговиот телефон не биле пронајдени докази кои би го поврзале со материјата, по што бил пуштен со мерки за претпазливост. Според неговиот исказ, по ова сопругата му признала дека под уцена му го дала резервниот клуч на Саздов.

– Ми објасни како ми ја подметнале дрогата во возилото… со мојот резервен клуч којшто стои дома, му го дава Ивана на Мартин го отклучил возилото ја ставил дрогата во возилото – изјави Јовановски.

Обвинетиот ги опиша и настаните на денот на трагедијата, наведувајќи дека по читање на пораки на социјалните мрежи, се упатил до работното место на сопругата, каде ја видел како излегува од возило на Саздов.

– Кога се приближив пред нејзиното работно место ја здогледав Ивана како излегува од колата на Мартин Саздов… Видов дека сѐ е лага и фарса, при што изреволтиран замавнав кон нејзе – рече обвинетиот.

Потоа заедно со Ивана и Саздов се упатиле кон Кривичниот суд, а подоцна и кон нивниот дом, при што имало повеќе полициски интервенции.

Опишувајќи ги последните моменти, Јовановски рече дека додека бил пред зградата слушнал силен тресок.

– Се упативме двајцата кон пролазот на зградата кај кафе-барот „Сома” и Мартин почна да вика „Ивана, Ивана, Ивана паднала”. Кога го слушнав тоа се вознемирив уште повеќе и излегов на улица „Теодосиј Гологанов”, се фрлив пред кола, ме удри колата во ногата. Потоа се јавив во брза помош со намера дека ќе им помогнат дека се живи. После тоа не се сеќавам – изјави обвинетиот.

Би можело да ве интересира

Очекувано е Јовановски да се прикажува како жртва, вели обвинителката Бојчевиќ

Стојанче пред Кривичен суд ја тепал Ивана два часа пред смртта, полицијата дошла и си заминала

Аудиоснимки од пријави за насилство изведени како докази против Стојанче Јовановски

Случај „Ивана и Катја“: Наставничката сведочеше за семејното насилство и за последниот училишен ден на девојчето

Катерина Ѓуровски

Кривичен суд ги повикува медиумите да избегнуваат сензационализам за случајот со Ивана и Катја

Катерина Ѓуровски

Саздов: Стојанче и се закануваше на Ивана и ја уценуваше за Катја

Горан Наумовски