Владата работи на економскиот развој на Македонија и остварува резултати што помагаат помал број лица да се иселат од земјата, истакна вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Одговарајќи на прашање на пратеничката Роза Топузова – Каровска за тоа дали Владата располага со точни податоци колку македонски граѓани живеат надвор од земјата и колку образовани млади си одат од земјата, Ставрески појасни дека податоците презентирани од Светска банка дека 440.000 Македонци се иселиле се однесува на период од 50 години. Тој подвлече дека основна причина зошто некој би сакал да ја напушти земјата е веројатно можноста или неможноста да најде тука перспектива, односно да најде работно место.
– Кумулативно за изминатиот период само во последниве години објавивме дека се креирани 124.000 работни места. Тоа значи дека на 124.000 луѓе коишто потенцијално можеле да ја напуштат земјата заради немање перспектива или работно место сепак сме им помогнале да најдат тука егзистенција, да обезбедат за себе средства за живот и за семејството и да останат во земјава. Ете така треба да се бориме и да зборуваме за тоа што треба да се направи и што се прави за вработеноста и за перспективите на младите луѓе. Ова не е прашање на демагогија, ниту прашање на кое што треба да се изјаснуваме поединечно дека вие сте криви или ние сме криви. Треба сите заеднички кога имаме шанса да го сработиме својот дел, рече Ставрески.
За задржување на луѓето во земјава, тој потсети дека псотојано се работи на привлекување на странски и домашни инвестиции и отворање работни места.
– Имаме резултати. Јас ги презентирав збирните бројки, можеме и поединечно да ви дадеме фабрика по фабрика што е отворана и таму се вработуваат тие млади луѓе кои за жал претходно во еден период од 50 години, еден дел и во периодот на транзиција од 20 години се иселувале од земјава затоа што немале економска перспектива. Секако дека проблемот се уште постои. Со ова не значи дека сме ги решиле сите прашања и не значи дека се уште не се бориме со тоа прашање, истакна Ставрески.
Според него, не е едноставно да се обезбеди егзистенција за сите и да се задржат сите, посебно кога се отвораат вратите во Европа и кога и во Бугарија, во Србија, во сите околни земји се случуваат слични трендови.
– Но, нашата задача е во тој дел да го сработиме она што можеме, да обезбедиме економски раст, а тоа го правиме. Единствени сме во регионот што имаме економски раст, имаме највисок раст во Европа, се отвораат работни места со инвестициите и на домашните и на странските фирми и во ТИРЗ и во слободните зони и на други места, сепак чекор по чекор се решава ова огромно прашање, огромен проблем, а тоа е постепено да го стопираме иселувањето на луѓето од Македонија и уште подобро да ги вратиме способните, добрите кадри од странство во Република Македонија, подвлече вицепремиерот и министер за финансии.
Светска банка, додаде, појасни дека извештајот што се наоѓа на нивната веб страница од 2010 година е т.н. билатерална матрица на миграција. Цифрата што таму стои дека од Македонија вкупно се иселени 447.000 луѓе, а се доселиле 129.000 лица, што значи дека на нето-основа Светска банка објавува податок од 317.437 лица. Податоците се од македонски граѓани што во странство се изјасниле дека имаат македонско потекло при што методологијата не го покрива тој дел – кога тие граѓани се иселиле во странство и дали се привремено или трајно.
– Периодот што го покрива овој миграциски индекс на Светска банка е од 1950 до 2010 година, период од 50 години. Во тој период од 50 години од Македонија во странство се иселиле приближно 447.000 лица, кои се изјасниле на попис спроведен во другите земји каде што живеат дека имаат македонско потекло. Значи, дел од тие лица се иселиле во шеесеттите, дел во седумдесеттите, дел во осумдесеттите, дел во деведесеттите години и еден дел има и во последните 10 години секако. Кога ги прашуваат на попис во графата какво потекло имаат, тој пишува македонско. Тоа е податокот што Светска банка го објавува и треба затоа да ја расчистиме оваа магла околу тоа дека од земјава во последниве икс години од политички причини што се пласира се иселиле 447.000 лица, рече Ставрески.
Второто прашање на пратеничката Топузова – Каровска се однесува на состојбата во Прилепската болница, дали ќе се разрешат проблемите и дали ќе се приватизира болницата на што министерот за здравство Никола Тодоров рече дека нема такви планови, ниту за болницата во Прилеп, ниту за било која друга болница во државата.
– Напротив планираме да продолжиме да вложуваме во подобрување на здравствената инфраструктура, опремата и во човечкиот потенцијал, преку испраќање на сите доктори на едукација во странство и овозможување на поголем број специјализации, подвлече Тодоров.
Тој подвлече дека генерално е запознаен со проблемите со кои се соочува болницата во Прилеп, посочувајќи дека Владата инвестираше во набавка на опрема.
– Се набави опрема во вредност од 2 милиони евра, покрај компјутерска томографија, 4Д ехо и други ехо апарати, која беше потребна комплетно да се замени дотраената или некоја што воопшто ја немало. Инвестиравме 35 милиони денари за реконструкција во правец на енергетска ефикасност и намалување на трошоците за затоплување на објектот, замена на прозорците. Во меѓувреме беа примени и 35 лица во последните две години од кои 11 доктори, 21 медицински сестри и тројца останат персонал, а вративме и тројца специјалисти од приватно во јанво здравство, рече Тодоров.
Вети дека Министертсвото ќе работи на решавање и на останатите проблеми и оти ќе се зголемат буџетите на повеќе болници, меѓу кои и прилепската.