Според анализата за првите десет дена од кампањата за локалните избори, Сител телевизија известува најнеизбалансирано.
Со анализата се опфатени прилозите директно или индиректно поврзани со изборите, кои се емитувани во дневниците од 19 и од 23 часот, и како што известуваат од СРД, тој примерок во првите десет дена од кампањата изнесува околу 6 часа и 14 минути телевизиско време, кое покажува неизбалансираност и од квантитативен и од квалитативен аспект.
„На Коалицијата „За подобра Македонија“ се посветени околу 2 часа и 37 минути, а на „Сојузот за иднината“ – 46 ипол минути. За Српската напредна странка има околу 15 ипол минути иако има помалку листи со кандидати отколку ДУИ – за која има безмалку 10 ипол минути и ДПА – со околу 4 минути, колку што е известувано и за ДОМ. Има уште неколку други субјекти, со помала временска застапеност, а значаен дел од минутажата зафаќаат прилозите за активностите на Владата – 1 час и 18 минути“, пишува во извештајот на СРД.
Од таму забележуваат и непочитување на професионалните новинарски стандарди во начинот на известување.
„Така, на политичарите од Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ им е овозможено драстично почесто и подолго директно да и се обратат на публиката – 104 пати што изнесува 1 час и 19 ипол минути. Наспроти ова стојат 35-те директни обраќања на претставниците на „Сојуз за иднината“ кои вкупно траат 18 минути и 5 секунди. Ова е непосредно поврзано и со начинот на организација на прилозите во кои се известува за кампањата на коалицијата предводена од СДСМ: во нив кандидатите се помалку присутни и поретко ги гледаме како зборуваат за своите идни проекти. Освен ова, постои и негативно врамување на опозицијата – таа е без идеи или со застарени идеи и имиџ од Сталинова Русија, а во еден миг, во прилог за протестите кои се случија во почетокот на март се тврди дека „според првичните неофицијални информации од истрагата позади овие насилни протести, девијантно однесување стои опозицијата“, се вели во анализата.
СРД ја анализира и работата на јавниот сервис, па така Советот забележува дека во вестите на првиот канал, често е тешко од мноштво прилози да се одвојат – активностите во рамките на ингеренциите на Владата, и активностите на политичките партии за изборната кампања.
„Оваа карактеристика станува евидентна кога во аудиовизуелниот дел од новинарските прилози – при илустрацијата на владините проекти (било со континуитет на развој, или пак тековни, актуелни проекти) – се мешаат снимки од партиско-коалициската иконографија и официјалната иконографија на постојните министерства. Односно – предизборната реторика се меша со официјалните соопштенија од владиниот портпарол или од ресорните министри. Професионалниот новинарски однос кон општите политички тенденции во државата, се усложнува и со самото тоа што дури и при известување за настани конструирани како експлицитна предизборна кампања, говорниците од митинзите ги декларираат политиките на Владата како партиски став. Згора на тоа, контрадикторноста во содржината на новинарските прилози се должи и на контрадикторноста на темите со кои партиите се презентираат пред гласачкото тело за локалните избори: наместо практични инфраструктурни предлози и решенија, предизборната реторика за локалните избори за предмет има општо-општествени прашања, како на пример – оспорувањето на македонскиот национален идентитет, меѓуетничките односи, евро-атлантските интегративни процеси, историската одговорност за постојната општествена ситуација, и слично“, пишува во извештајот.
СРД забележува дека во таквите случаи, кои не се ретки, невозможно е да се раздвои – каде почнува, а каде завршува предизборната кампања, и каде почнува, а каде завршува политиката на виша политичка инстанца.
„Што се однесува стриктно на редоследот прилози со кои се покриваат предизборните активности, забележлива е последователност на презентацијата на двете големи коалиции – „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, и коалицијата што настапува под мотото „Сојуз за иднината!“, предводена од СДСМ. Количеството на медиумското време е распоредено според интензитетот и според обемот на самите настани од кампањата, што значи – прилогот за митингот на едната коалиција е сопоставен со прилог за митинг на другата коалиција, а еднаков третман добиваат и индивидуалните активности на кандидатите за локалните избори. Меѓутоа, според статистичките показатели, известувањето во првите десет дена од изборната кампања е фокусирано пред сè на двете споменати коалиции, и тоа со забележливо – нерамноправно поделена минутажа: Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ е застапена со 2 часа и 48 минути, а коалицијата предводена од СДСМ со 1 час и 26 минути. Слична тенденција е евидентирана и во односот кон директните обраќања (цитати: аудиовизуелни снимки): 55 минути за коалицијата „За подобра Македонија“, а 31 минута за коалицијата – Сојуз за иднината“, пишува во извештајот.
Како релативно рамноправно, СРД го квалификува известувањето на Телма. Како што забележуваат во извештајот, за Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ во вестите се овозможени 1 час и 2 минути за презентација на предизборните активности, а за Коалицијата предводена од СДСМ – 1 час и 27 минути. Истата тенденција кон медиумското претставување на кандидатите со различни опции за локалните избори е забележлива и во структурата на директното обраќање: Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ – 30 минути и 30 секунди, коалицијата на СДСМ – 44 минути и 7 секунди.
„Во повеќе наврати, телевизијата презентира критичка дистанца во однос на мешањето на партиските со владините ингеренции, било како редакциски или индивидуален новинарски коментар, било преку презентиран став на невладиниот сектор или други субјекти кои се пројавуваат со општествени опсервации за предизборниот процес“, се вели во извештајот.
Како избалансирано, СРД го истакнува и известувањето на 24 Вести и за коалициите „За подобра Македонија“ и „Сојуз за иднината“, како и за ДУИ и ДПА, но и за поголем број други политички партии и независни кандидати.
„При известувањето се внимава на почитување на професионалните новинарски стандарди, а и во директните обраќања постои врамнотеженост – двете коалиции имале по 42 директни обраќања, што преточено во време изнесува 29 ипол минути за „Сојуз за иднината“ на СДСМ, и 32 минути за „За подобра Македонија“ на ВМРО ДПМНЕ“, се вели во извештајот.
СРД забележува дека голем дел од прилозите се анализи во кои се консултираат поголем број експерти што се рефлектира во присутноста на методолошката категорија „други субјекти“ од околу 1 и пол час, а голем е квантумот и на извештаи за активностите на Владата – речиси 1 час и 12 минути.
„Прашањето на заострувањето на предизборната реторика преку изјавите на градоначалничките кандидати од ДУИ Фатмир Дехари и Изет Меџити и партискиот лидер Али Ахмети, го третира во низа, го разгледува од аспект на изборите и го контекстуализира преку ставовите на домашни и странски политичари, и на домашни експерти – Македонци и Албанци“, пишува во извештајот.