Спасовски: Опожареното возило пред домот на Груби не е ни прво ни последно во кое има недозволена сигнализација

Од:

Во возилото кое беше опожарено пред домот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби имало поставени светлосни сигнализации и тоа ние ниту прво, ниту, пак, последно возило во кое недозволено има таква сигнализација, потврди денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Сите факти се доставени до Јавното обвинителство и се што ќе се утврди за овој случај ќе се процесуира понатаму, рече Спасовски во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Тој нагласи дека МВР веќе има отворено оперативна акција за контрола на звучни и светлосни сигнализации и за затемнување на прозорци за оние кои немаат право на тоа, која трае веќе неколку години.

-Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии нити функции ниту, пак, било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во Белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за луѓето и пример за одговорност, потенцира Спасовски.

Посочи дека на сите министри во Владата им е укажано кој има право да користи светлосни и звучни сигнализации и додаде дека тоа може да го користат само тие кои се обезбедуваат и се во придружба со полиција.

-Ниту еден друг не смее да има вакви светлосни и звучни сигнализации во своите возила, нагласи Спасовски.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, посочи дека обвинителството уште истиот ден излезе на увид и ги фиксира трагите кај опожарениот автомобил и додаде дека детално и целосно ги испитува случувањата во врска со овој настан.

-Сите околности и факти се документираат и анализираат и доколку се утврдат елементи на кривично дело Обвинителството ќе преземе сите соодветни мерки, рече Јовески во одговор на пратеничко прашање.

Појасни дека истрага се покренува против конкретно лице.

-Кога ќе бидат собрани доволно податоци во однос на кривичното дело и во однос на евентуален сторител на кривично дело тогаш Обвинителството ќе отвори соодветна истрага. Не само во врска со опожареното возило, туку Обвинителството собира податоци во овој случај и во делот на купувањето на хотелот, рече Јовески.

Истакна дека воопшто не го секираат заканите кон него како јавен обвинител што се истакнуваат денеска и во други прилики зашто одговорно ја извршува функцијата.

-Јас сум задоволен од тоа како се одвиваат состојбите во Обвинителството. Обвинителството заедно со другите истражни органи и со полицијата ги презема соодветните мерки во однос на утврдување на околностите и фактите врз основа на кои се случени овие незгоди. Истрагата не се спроведува во првиот момент, туку за таа да се спроведе неопходно е да се утврдат докази, елементи на сторено кривично дело и да се утврди сторителот, рече Јовески и додаде дека претходно се утврдува дали е случен кривичен настан и евентуален конкретен сторител.

За довербата во Јавното обвинителство рече дека е само перцепција и додаде дека таа на некој начин е неповолна за Обвинителството, но и за Собранието. Затоа ги повика пратениците да го поддржат Обвинителството во делот на справување со вакви ситуации.

Прашан од пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кога ќе поднесе оставка, Јовески рече дека може да го извести дека нема да му го овозможи тоа задоволство.

Би можело да ве интересира

Спасовски: Просечна плата од 1100 евра, минимална од 600 евра, на младите им нудиме европска иднина

(ВИДЕО) Спасовски: Силен СДСМ е потребен за европска иднина, не сакаме враќање на режимот

Спасовски: Ги повикувам сите граѓани масовно да излезат на изборите на 8 мај, да гласаат за нашиот претседател Стево Пендаровски

(ВИДЕО) Спасовски: Во следните четири години излез на домашните компании на европскиот пазар од 500 милиони луѓе

Горан Наумовски

Спасовски: Нема да дозволиме враќање во минатото кога шепотевме, се бориме за правда за сите!

Орце Костов

Спасовски од Куманово: Надминати кризите, енергетските компании во раце на граѓаните