Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски во интервју за “360 степени“ откри дека дел од луѓето со фантомки кои влегоа во Собранието биле вооружени.
-На еден му испадна пиштолот, имаа и ножеви, рече Сапосовски.
Тој кажа дека било мавано по пратениците и новинарите со се што имаше во прес салата, од држачи за камери, до ногарки за маси.
-Јас бев удрен со метална шипка неколку пати, со постамент за знаме и со столица, рече Спасовски.
Тој откри дека неговиот живот бил спасен поради личното обезбедување кое го следува поради тоа што беше министер за внатрешни работи.
-Голема благодарност од обезбедувањето од МВР, мое лично обезбедување како министер, прво имав еден, двајцата не ги пуштаа да влезат во парламентот, но после успеаа да влезат, рече Спасовски.
Пратеникот Владимир Ѓорчев се појави во салата и целото време беше со нас. Реално беше тоа загрозувачки за живот, тоа беше смислено сценарио со сериозна умисла да дојде до линчување. Тие беа пуштени намерно да влезат, се гледа на снимиките полицајци како се поздравуваат со нив, сето тоа требаше да резултира со линч.
Спасовски ги отфрли правдањата на Митко Чавков како небулозни, дека СДСМ не најавиле дека ќе бираат нов претседател на Собранието.
-Не се прават планови за обезбедување на парламентот врз основа на тоа што ќе работи парламентот, планови се прават како се бранат институциите. Мислите дека ако некој мисли да прави насилство, би го најавиле претходно, полицијата мора да биде подготвена за секоја можна ситуација. Ние не ни мислевме дека воопшто овие структури на полицијата под Чавков нема да се злоупотребат.
Спасовски кажа дека раководството на партијата кое беше заробено во Собранието забранило членството на СДСМ да трген кон Собранието и да се справи со хулиганите. Било подготвено и членството на ДУИ.
-Приврзаниците на СДСМ се собраа пред седиштето, исто и на ДУИ, но се покажа одговорноста на нашите партии. Имаше притисоци да тргнат луѓето кон Собранието, но рековме дека што и да ни се случи нам, не смее да им се случи на сите луѓе, рече Спасовски.
Тој кажа дека ги знаат луѓето кои влегоа во првиот налет и тие што носат фантомки.
-Ги знаеме тие луѓе кои беа во првиот напад, и тоа беше смислен план за убиство. Ни викаа дека ќе бидеме ликвидирани. Толпата влезе на главната врата на Собранието, неколку пратеници сами ги отстраниле железните пречки на вратите. Оние што влегуваа беа водени од некој директно кон прес центарот каде што се наоѓавме ние. Дел од полицајците не сакаа да помогнат, велеа дека немаат наредби. Час и половина да не делува штабот, во тој час и половина имаше повици да дојдат специјалните единици во Собранието, од нивна страна беше одговарано дека немаат наредба. Овде треба да се спроведе сериозна истрага кој ја има одговорноста, рече Сапсовски.