Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ѝ пиша на Државната изборна комисија (ДИК) дека сѐ уште постапува по голем дел од нивните барања за проверка на неконзистентни записи во избирачкиот список.
„Заради фактот што се работи за многу комплексна и обемна задача, обработката на податоците неопходно е да се извршува сукцесивно. За дел од прашањата кои се наведени во Вашите барања, Ве информираме дека резултатите сѐ уште не се комплетни, односно ги обработуваме податоците со динамика и со опфат со кои истите ги добиваме од локалните комисии и организационите единици во МВР“, му пишува Спасовски на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.