Во Македонија се дефинира правната рамка за поддршка на социјално претприемништво во земјата, па согледување на состојбите на оваа тема е клучно за понатамошниот развој, било истакнато на денешната средба организирана од здружението Конект, како дел од проектот „Социјално претприемништво: учење од практика и промоција“, финансиран од Министерството за економија.
Еден од најголемите предизвици во регионот, како што е посочено во соопштението од здружението Конект, е недостатокот на инвестиции и немањето на соодветни финансиски инструменти без кои социјалните претпријатија имаат потешкотии да го одржат и понатаму да го развиваат својот бизнис.
На средбата биле споделени и резултатите од првото сеопфатно истражување за екосистемите за развој на социјалните претпријатија во седум земји на Западен Балкан, во кое со својата истражувачка експертиза учествуваше Конект. Истражувањето е спроведено од НеСсТ за потребите на Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД), а спонзорирано од Тајванскиот бизнис фонд. Истражувањето покажува дека постои потреба да се продолжи со продлабочување на иницијативите за подигање на свеста и градење на секторот.
Во соопштението е наведено дека потребно е јакнење на капацитетите, поддршка при оформување на нови социјални претпријатија и учење од моделите со најдобри практики. Но, како што се додава, поитна потреба е да се интензивираат напорите за да се обезбедат бизнис ориентирани и советодавни услуги, како и прилагодени начини на финансирање за да се валидираат и да се подготват социјалните претпријатија за настап на пазарот. Со ова ќе се овозможи повеќе претпријатија да се подготват за инвестиции и да се одржат повеќе успешни модели, кои јасно ќе ја докажат функционалноста на овој сектор.
– Развојот на социјалното претприемништво во Македонија треба да се поттикне на начин соодветен на нивните потреби. Потребна е законска рамка што ќе даде пошироко дефинирање на социјалните претпријатија и ќе предвиди бенефиции и поддршка на социјалните претпријатија за пристап на пазарот, како на пример преку јавните набавки. Исто така треба да се развиваат разновидни начини на финансирање како и поддршка од бизнис заедницата. Само со создавање на поволен екосистем социјалните претпријатија ќе бидат подготвени да настапат и да се одржат на пазарот, а воедно да ѝ служат на заедницата, вели извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова.
Конект го промовира и поттикнува личното донирање и општествената одговорност во насока на долгорочен развој на Македонија и на регионот. Организацијата се залага за промовирање на модели што носат економски и социјални придобивки за општеството. Во оваа насока се фокусира на градење на партнерства помеѓу општествено одговорните компании и социјалните претпријатија.