Советот кој разрешува обвинители гневен: Им тече вода во канцелариите, климите расипани, пари нема

Од:

Кога врне надвор, во канцеларијата на Коле Штерјев, член на Советот на јавни обвинители течело вода. Фиданка Рајевска, пред колегите кажа дека кај нејзе ѕидовите се ронат. За да се стигне до просториите на Советот на јавни обвинители, веќе неколку години пешки се качуваат пет катови бидејќи не функционира ниту лифтот. Внатре, во ходникот, не работи ниту климата која стои непоправена. Но и покрај ова, Советот не добива нови канцеларии, а државата не им дава ниту пари за реновирање и им го крати годишниот буџет за 11 милиони денари.

Дел од членовите на Советот се видно револтирани од односот на државата кон оваа институција. Сите се согласни дека просториите не ги задоволуваат критериумите за работа на советот.

„Простор нема да добие тој што испланирал туку тој што е близок до власта“, искоментира членот на Советот, Иџет Мемети, на што Штерјев реплицираше: „Нека му даде од дома, не од наш имот“. Мемети пак посочи: „Реалноста е тоа. Треба да ги убедиме дека поинаку треба да не третираат пред да оди буџетот во Собрание. Зошто да молиме?“.

Државата му дава 24,4 милиони денари буџет на Советот на јавни обвинители, а тие бараат 35,5 милиони денари за да ги покријат сите трошоци. Тие посочија дека претседателот на Советот, Антонио Јолевски не треба да се откажува од побараните средства бидејќи има аргументација зошто ги бара. Во предлог проекцијата за буџет се вкалкулирани повисоките сметки кои ги добива Советот, а намалени се давачките за патни трошоци и дневници. Сепак, државата сака да им додели исти буџет како и минатата година.

„Само инфлацијата е 10 отсто. Кај нас спартански ја тераат работата. Не може да се гледа на буџетот на Советот како на нужно зло. Ти влези кај мене во канцеларија, имаш предвидено реновирање? Не капе, тече кога врне. Елементарни се тие теми“, рече Штерјев откако Јолески посочи дека државата не сака да им ги даде побараните средства.

На ова се надоврза и обвинителката Фиданка Рајевска, која рече: „Sидот се рони кај мене. Не знам што фајде би имале ако не отстапиме. Барај средба со министерот за финансии, ставиме ме во групата кога ќе се збори за тоа“.

Претседателот Јолески пак посочи: „Сакаме мрежно поврзување, немаме мрежна опрема“.

Штерјев пред колегите посочи дека пет години се држи отворено прашањето за доделување на нов простор.

„Јас во март април ќе си одам, ама на Советот ќе му требаат простории“, кажа тој.

На седницата на Советот се отвори прашањето и за недостатокот на обвинители. Досега, недостасуваат 80 обвинители, а бројот ќе се зголеми до крајот на годината.

„Ако не плаче бебето, мајката не го зема. Ни ги пензионираат колегите, затоа што некој не успеа да направи кворум.. Тоа е однос? Само кога им треба ќе се сетат на Советот.. Сега пак зборуваме за средба за простории.. Полуписмени политичари кога пишуваат закони.. така не се прави закон (за ингеренциите на Советот)….Ние сега немаме надлежност да ги оценуваме годишните извештаи во Обвинителството“, кажа Штерјев.

По предлог на Иџет Мемети, ќе се бара состанок со премиерот Димитар Ковачевски, каде ќе се повика и министерот за финансии Фатмир Бесими, за да се решат прашањата за буџетот и просториите.

Би можело да ве интересира

ГРЕКО бара испитување на имотот на пратеници и судии, како и правила за подароци за обвинителите

Орце Костов

Здружението на јавни обвинители реагира по најавените законски измени за платите

Обвинителката Зорица Павловиќ од ОЈО Скопје избрана за член на Советот на јавни обвинители

Ние сме мала земја со многу јавни тајни и малку разрешници, кажа Грковска на дебата за Законот за конфискација

Штрајкуваат обвинителите – бараат зголемување на платите за 78 отсто

А1он

OJO: Мал број обвинители, а многу работа, се намалија заостанатите нерешени предмети