Директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски денеска го прими шеикот Мухамед Бин Абдулкарим Ал-Исса, генерален секретар на Светската муслиманска лига, заедно со официјалната делегација на реномираната пан-исламска светска организација во свечената сала на Владата, информираат од Комисијата за односи со верките заедници.
-На средбата директорот Сотировски го запозна високиот гостин со вредностите на македонското општество, инклузивните политики и демократскиот амбиент во кој широко се почитуваат верските слободи и права. Македонската општествена кохезија е во голема мера определена и од меѓуверската почит која со векови постои. Притоа директорот посочи дека на глобално ниво загрижува подеднакво злоупотребата на правата и слободите во демократски услови, како и нивното спречување во недемократски услови, известуваат од КОВЗРГ.
На средбата се разговарало и за глобалните предизвици кои се појавуваат со растечкиот верски радикализам. Притоа била нагласена и поздравена улогата која Светската муслиманска лига ја игра во промовирањето на изворната форма на умерен ислам кој се залага за толеранција, дијалог и соработка меѓу културите и религиите во светот.
-Шеикот др. Ал Исса ја поздрави подготвеноста за соработка и дијалог како и отвореноста во соработката со сите верски заедници во државата, притоа посочувајќи дека мирот и различностите се најголемото богатство во современото време, велат од КОВЗРГ.
Оттаму истакнуваат дека средбата била одржана во срдечна атмосфера, преку изразување на взаемната подготвеност и за идна соработка. На средбата присуствувале и високи раководни лица на Светската муслиманска лига, Реисул Улема на ИВЗ и Националниот координатор за интеркултурализам Роберт Алаѓозовски.