Заменик началникот на Генералштабот (ЗНГШ) на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, денеска учествуваше на годишниот состанок на замениците на началници на Генералштабови во рамките на процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ) кој се одржува во Подгорица, Црна Гора, соопштија од АРМ.
На состанокот бил поздравен напредокот на СЕДМ процесот чија суштина е јакнење на разбирањето и политичко воената соработка во регионот со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа.
– Генералот Рацај, упатувајќи честитки за приемот на Црна Гора во НАТО алијансата, ја посочи како позитивна отвореноста на НАТО за прием на сите држави кои ги споделуваат вредностите, одговорностите и обврските кои произлегуваат од членството со Алијансата, како и подготвеноста на Република Македонија кон полноправното членство во НАТО, се наведува во соопштението.
Меѓу останатото на состанокот се дискутирало и за тероризмот и насилниот екстремизам како феномен кој се заканува на глобалниот мир и безбедност, како и соочувањето на голем број држави со заеднички предизвици во форма на нелегална миграција и хуманитарни кризи, но и како потребата од изнаоѓање на неодложни решенија. Замениците началници изразиле пофални зборови за улогата на бригадата „СЕЕБРИГ“ како алатка за активен придонес на мирот, безбедноста, стабилноста и соработката во Југоисточна Европа, како и ангажирањето во мировните мисии, во кои активно партиципира и Армијата на Република Македонија со штабни офицери и декларирани единици.
СЕДМ процесот кој минатата година ја одбележа 20-годишнината за првпат беше инициран во 1996 година во Тирана со цел јакнење на разбирањето, политичко-воената соработка и подобрување на стабилноста и безбедноста во регионот со целосна посветеност на принципите на сувереност и територијален интегритет на сите земји членки.
Во следниот период со координативните тела на СЕДМ иницијативата ќе претседава Република Грција, додека претходно оваа улога ја имаше Република Македонија во период од јули 2007 до јули 2009 година.