Мајка му уплатила 400.000 евра за станови – судење на Ѓоко Ристов

Од:

На денешното рочиште за предметот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов беа отворени нови детали поврзани со имотот на неговото семејство, но и со комуникациите на неговата сопруга со лица поврзани со предметот „Ориент“.

Пред судот денеска сведочеше инвеститорот Круме Апостолов, кој потврди дека мајката на Ристов, Донка Ристова, уплатила повеќе од 400.000 евра за четири станови. Парите биле уплатени на сметката на неговата компанија, а дел од средствата подоцна биле побарани назад поради доцнењето со изградбата. Договорот за становите, сепак, останал во сила.

Овие пари во судницата беа ставени во контекст на 350.000 евра кои беа пронајдени заѕидани во ѕид во семејната куќа на Ристов во Неготино. Обвинителството инсистира дека станува збор за одделни средства, додека одбраната тврди дека парите потекнуваат од имотот на родителите на Ристов.

Потоа во судницата беа слушани прислушувани разговори од посебните истражни мерки. Во дел од нив се слуша комуникација на сопругата на Ристов, Симона Ристова, која во тој период била државен правобранител.

Обвинителството ја поврзува комуникацијата со лица блиски до двајца обвинети во предметот „Ориент“. Од разговорите произлегува дека се договарала средба со Ристов, кој тогаш бил судија во Апелацискиот суд и постапувал по предметот.

Во еден од разговорите се договара каде да се сретнат, при што се споменуваат локации кај Хрватската амбасада и кај кафуле. Обвинителството овие разговори ги презентираше како доказ за контактите и средбите поврзани со предметот.

Во судницата денеска се слушнаа и разговори меѓу лица поврзани со обвинетите во „Ориент“, во кои се разговара за средбата и контактот со судијата.

Одбраната, пак, оспорува дека од овие разговори може да се извлече заклучок за незаконско влијание врз Ристов. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека во конкретниот предмет притворите на обвинетите не биле укинати откако предметот дошол во Апелацискиот суд.

Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот и за перење пари. Во куќата на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350.000 евра сокриени во ѕид, а во досегашниот тек на судењето се изведуваат докази за потеклото на парите, имотот на семејството и контактите поврзани со предметите по кои постапувал како судија.

Судењето продолжува на 3 септември.

Би можело да ве интересира

Премиерот Мицкоски се сретна со висока делегација на Стејт Департментот предвоена од заменик секретарот Кристофер Ландау

Врховен го објави образложението за укинувањето на пресудата за Ласкарци

Кривичен: Осудениот Јане Боваровски за „Ласкарци“ согласно пресудата на Врховниот суд се ослободува од понатамошно издржување на казната затвор до донесување на нова одлука

Мицкоски пред Атлантскиот совет: За членство во ЕУ треба да се применува пристап заснован на заслуги, но не е така во нашиот случај

Мицкоски: Оваа Влада испорачува и го прави тоа што го зборува, стратешкото партнерство со САД е децениско, тие се нашиот најсилен сојузник

Земјотрес во подрачјето Делчево-Берово