„НСДП изминатите три години при именувањето на градоначалникот на општина Битола г-динот Владимир Талески, ја користи кованицата, општиноначалникот Талески. Затоа што кога ние зборуваме за општина Битола не мислиме само на градот Битола и неговото потесно градско подрачје, туку на Битола и околните села кои ја градат целината наречена општина Битола. Терминот општиноначалник не го користиме со цел да ја девалвираме функцијата на градоначалникот туку да го потсетиме дека тој е одговорен за еден поширок регион од плоштадот Магнолија и Широк Сокак“, рече Благојче Котески, претседател на НСДП Битола и додаде:
Денес после скоро 8 години владеење на династијата Талески со општина Битола и потрошени над 200 милиони евра, е повеќе од јасно дека неговиот поглед не оди подалеку од неговата канцеларија, тој не догледува дури ни до Широк Сокак.
Два мандати беа повеќе од доволен временски простор општиноначалникот Талески, да излези од својата удобна фотеља и барем малку да ги извалка убавите лакирани салонски чевли. А во денешна Битола, чевлите сигурно ќе ги извалкаше.
Досега требаше да излези и да прошета и да ги види реалните проблеми на своите сограѓани, да ги види луѓето кои со свои пари, во овие студени денови, му ја плаќаат смеката за грееење во неговата канцеларија, додека нивните деца мрзнат во студените училници.
Ако излезеше сигурно од прва рака ќе го добиеше одговорот на прашањето: „Каде е денес Битола, после 8 години дивеење на општиноначалникот Талески и малата свита на пулени околу него?“
За жал, одговорот не е добар.
Битола, денес, претставува град со најголем процент на невработени во Македонија со над 30 %, додека овај процент кај младите под 30 години е над 40 %. Ова се факти, ова не се голи бројки. Ова се факти, ова се бројки после 8 години владеење на Талески и ДПМНЕ на локално и 7 години владеење на ДПМНЕ на централно ниво, период за кој нашиот град, некогаш познат како градот на клавирите и конзулите, денес на секој чекор на сите полиња ја потврдува својата маргинализираност и не е ниту сенка на своето гордо минато.
Денес за жал, Битола, претставува последната станица на возот.
Денес, после 8 години владеење на Талески со општина Битола, 60 % од жителите во руралниот дел од општината имаат неисправна вода за пиење. Ова е податок од Заводот за здравствена заштита од Битола, но јас искрено се плашам дека овај процент е значително повисок.
И почитувани сограѓани, деновиве, после 8 години слободен пад на општина Битола, после 8 години владеење, откако се изнагледавме и изнаслушавме разни имиња за можни кандидати за градоначалници од редовите на ДПМНЕ, што само по себе ја потврди јавната тајна за расколот во редовите на ДПМНЕ, го видовме нашиот општиноначалник г-динот Владимир Талески, како збунето и изненадено на прес конференцијата, на која одвај собра двајца тројца негови приврзаници, ја соопштува официјалната одлука на нивниот Централен комитет за негова повторна кандидатура за локалните избори во 2013.
И што кажа?
Кажа дека му било чест да биде кандидат на ДПМНЕ за градоначалник на општина Битола и тоа по трет пат!
Почитувани сограѓани, замислете, му било чест!
Му било чест и по трет пат да излези со истата нереализирана програма, му било чест да си седи во истата затоплена канцеларија додека учениците седат во ладни училници, му било чест Битола да ја има највисоката стапка на невработеност во државата, му било чест 60 % од жителите во руралниот дел од општината да имаат неисправна вода за пиење.
Да почитувани сограѓани, му било чест!
Е па почитуван општиноначалниче Талески, во мое име и во име на НСДП Ви ја честитаме третата по ред кандидатура за градоначалник на општина Битола.
И исто така чесно Ви порачуваме, дека во март 2013 година, Битола и битолчани чесно ќе Ви ја достават фактурата за вашето владеење и исто така чесно политички ќе Ве пензионираат!