Со едноминутно молчење за жртвите во Србија почна денешната владина седница, донесени заклучоци во делот на превенцијата

Од:

Владата на Република Северна Македонија ја започна денешната седница со едноминутно молчење и оддавање почит на жртвите во двата инцидента, што се случија во Белград и Младеновац во Србија.  
 
На денешната владина седница, надлежните министерства информирале за активностите што се преземаат во земјава во делот на превенцијата во училиштата, како и на државно ниво, така и за заштита од каков било вид насилство.

 – Од страна на Министерството за внатрешни работи е информирано дека во континуитет се преземаат активности во делот на превенцијата и дека се применуваат протоколите за безбедносна проверка за влез и излез на учениците во училиштата и околината од училиштата. Ваквите протоколи што се активирани по лажните дојави за бомби, сега ќе бидат засилени со дополнителни активности од страна на МВР, соопштија од владината прес-служба.

На седницата од Министерството за образование и наука информирале дека се изготвува прирачник за училиштата за постапување по однос на превенција од врсничко насилство и други видови насилство, како и дека се работи и на зајакнување на стручните психолошко – педагошки служби, таму каде има потреба. 

Од денеска е отворена и електронска адреса [email protected], или на албански [email protected] каде што ќе се пријавува врсничко насилство и по секоја пријава ќе се постапува веднаш.

 Како што се наведува во соопштението, разгледани се можностите за одржување средби меѓу задолжени екипи на МВР и педагозите и психолозите во училиштата, според предвидена динамика, со цел да се придонесе во пријавувањето на евентуално врсничко насилство или други видови проблеми во надлежност на министерствата за внатрешни работи и за образование и наука.

Со цел вклучување на сите засегнати министерства, следуваат средби како со МВР, така и со Министерството за труд и социјална политика и со Министерството за здравство.

На владината седница задолжени се Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи да изготват Стратегија за превентивни активности, со чекори на државно ниво по којашто ќе бидат задолжени да постапуваат сите училишта, со цел рана превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата и надвор од нив.

Би можело да ве интересира

Продолжува мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, Владата очекува намалување на малопродажните цени

(ВИДЕО) Огњеновиќ: Владата да најде решение и УЈП да ги ослободи студентите од данок за „Work and Travel“

За две години вработените во државните институции ќе имаат за 40 отсто повисока плата, колективниот договор помина на владина седница

Мицкоски најави реконструкција на Владата во мај или јуни

Горан Наумовски

Владината прес-служба тврди: Лажна вест е тврдењето на СДСМ дека семејството на премиерот Мицкоски патувало до Хрватска со владиниот авион

Горан Наумовски

Владата ги утврди новите амбасадори – Муртезани заминува во НАТО, Ефремов во Софија