Сиљановска-Давкова: Западен Балкан е понапред од Украина и Молдавија

Од:

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека иницијативите за ограничување на можноста за користење вето во процесот на проширување на Европската Унија претставуваат позитивен исчекор, но нагласи дека е прерано за конечни оценки додека не бидат објавени официјалните документи. Таа смета дека пречките со кои се соочува Северна Македонија на евроинтегративниот пат се „ирационални“ и повика фокусот да биде ставен на исполнување на копенхашките критериуми.

Одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на адвокатурата во Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова рече дека како позитивен го гледа обидот за релативизирање на правото на вето во процесот на проширување.

– За мене што е добро, што за првпат се релативизира или има обид за релативизација на ветото. Многу пати сум рекла дека мене не ми е сосема јасно дека ветото е право на сите членки на Европската Унија, меѓутоа и чекорот од состојбата во којашто сме – кога 26 држави можат да речат дека е акцискиот план сосема во ред, дека има високи стандарди, има заштита на слободи и права, вклучувајќи ги и малцинските, и тоа го потврдуваат државите – и сега една вели „не“ – рече Сиљановска-Давкова.

Европската Унија, вели, треба да најде механизми што ќе спречат блокирање на проширувањето поради, како што рече, идентитетски и историски причини, наместо поради исполнување или неисполнување на европските критериуми.

Во однос на напредокот на земјите кандидати, пак, претседателката посочи дека Западен Балкан е значително понапред во процесот од некои други кандидати.

– Имам длабоки чувства и разбирање за Украина, исто така и за Молдавија, меѓутоа не можам, а да не кажам дека Западен Балкан е многу понапред од нив. Скринингот тоа го покажува… Пречката кон нас е ирационална според мене – рече Сиљановска-Давкова.

Говорејќи за македонско-бугарските односи и изјавите на поранешниот член на Заедничката историска комисија Огнен Вангелов, таа рече дека неговите оценки за улогата на протоколите во процесот се основани и произлегуваат од непосредното искуство во работата на Комисијата.

– Мислам дека она што го кажа професорот Вангелов е точно. Не само низ призма на правна анализа на Договорот, туку и низ призма на неговото конкретно искуство во работата на Комисијата – вели Сиљановска-Давкова.

Според неа, потребни се дополнителни гаранции во процесот, имајќи предвид дека прашањата поврзани со протоколите редовно се отвораат во билатералните разговори.

Во врска со експлозијата на возило на бугарската амбасада, претседателката ја осуди постапката, но повика да не се носат предвремени заклучоци пред завршување на постапката.

– За мене напад на возило е вандалски чин, но велам дека не можам однапред да пресудам. Судот ќе каже што се случило. Не би требало да ги наруши односите, а зошто? Бидејќи ми се чини дека побрза акција и реакција немало. Да почекаме што ќе каже судот – посочи Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на критиките од опозициската СДСМ во врска со нејзините ставови за уставните измени, претседателката рече дека не поддржува ничии барања, туку ги застапува сопствените ставови и смета дека земјата не треба да губи време на идентитетски прашања.

– Не треба да губиме време, не треба да ни го земаат времето на идентитетски проблеми, туку треба да нè остават да се фокусираме на копенхашките критериуми – подвлече Сиљановска-Давкова.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓиевски: По повеќегодишен застој и стагнација ја завршуваме изградбата на клучката кај Момин Поток

Пристигнаа сто нови возила за итната помош, се унапредуваат условите за иницијален третман на пациентите уште при транспортот

„Разговори за иднината во 12:05: Филипче уште еднаш го жртвува другарот Јовица Радески

СДСМ: Јасно е дека кривичната против Јани Макрадули е по нарачка

ДИК: По пребројани 100 отсто од гласовите Радически од ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу гласови, втор е Јахиј од НАИ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа во Брвеница, 4 спрема 1, СДС декласиран

Предраг Петровиќ