Сиљановска Давкова: Од Фон дер Лајен очекувам креативни решенија за да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите

Од:

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која денеска треба да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, изјави дека очекува од неа креативни предлози и решенија, по, како што рече, нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите.

Шефицата на државата одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува од средбата, но и што таа и ќе порача на Фон дер Лајен, истакна оти верува дека ќе се разговара за Реформската агенда и за Планот за раст, но додаде дека тоа повеќе ќе биде во сферата на разговорите со Владата, но и за можни креативни решенија и предлози за носењето одлуки во ЕУ при прием на нови членки.

-Верувам дека ќе зборуваме за реформската агенда и за Планот за раст, иако веројатно тоа е повеќе во сферата на разговорот со Владата. Се разбира јас очекувам по нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот, како нужен за исчекор за евроинтеграцијата, да чујам креативни предлози и решенија, а ние сме подготвени за дијалог, сме имале неформални дијалози. Ние предложивме и ќе предложиме излезни решенија, а вие набрзо ќе ја го дознаете содржината и суштината на дијалогот од денешната средба, рече Сиљановска Давкова по отворањето на настанот по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, организиран од Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје.

Таа дополни дека е повеќе од јасно дека ставањето крај на консензусот може да се случи само со консензус, а во моментот него очигледно го нема. Посочи дека за ветото се борат помалите држави и најмногу оние од Централна и Источна Европа.

-Но и тука има различни пристапи, како оној што го чувме од претседателот на Словачка, кој и денеска е овде. Да тој е еден од поборниците на ветото и на консензусот, но вели дека никогаш и никаде не, доколку не се однесува на Копенхагенските критериуми, туку се однесува на обиди на употреба на статусот на членките на ЕУ за „ревизија на прашања од историјата, културата и јазикот“, рече претседателката.

Таа нагласи дека и денеска ќе го повтори тоа што и е живот, имајќи предвид дека предава и европско уставно право.

-Мислам дека членките на ЕУ се должни да ги почитуваат своите уставни документи, особено Лисабонскиот договор, јасна е во Преамбулата алинејата шест, која што вели дека ЕУ ќе ги почитува историјата, културата, јазикот на нациите и на државите, бидејќи е единство на различности, дека ќе ги почитува уставните структури на државите, се вели во членот четири, што е многу интресно и за размислување. Така ЕУ ќе остане најинспиративна, за нас се уште е, голем е процентот на приврзаниците, тоа е логично и ние секогаш не само географски, туку и историски, културно сме биле дел од ЕУ и нема ниту една логична причина да не бидеме и политички. Тоа веќе не е прашање на проширување, туку е прашање на безбедност, истакна Сиљановска Давкова.

Фон дер Лајен денеска ќе се сретна со Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Би можело да ве интересира

Фон дер Лајен: Целосно стоиме зад вас, топката е во вашиот двор

А1он

Мицкоски со Фон дер Лајен: Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата

А1он

Премиерот Мицкоски ја пречека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

А1он

Белиот стап ја симболизира слободата и овозможува независност, но и обврска, рече Сиљановска-Давкова

Фон дер Лајен: Вистинско време за инвестирање во Западен Балкан

Фон дер Лајен: Го поздравувам процесот за ажурирање на список на гласачи и постигнатиот договор за Советот на РЕМ

Горан Наумовски