Сиљановска-Давкова на Форумот на светски лидери: Барањето за уставни измени нема ништо заедничко со Копенхашките критериуми

Од:

Нашиот пат кон Брисел наликува на маратон, маратон за кој понекогаш мислам дека може да се прашаме „дали го чекаме Годо“. Ние го започнавме нашиот маратон во 2005 година кога ни беше даден кандидатскиот статус. Денес често се користи синтагмата дека Европа е незавршена симфонија без Западниот Балкан, а интересот за регионот порасна пред три години кога, за жал, почна војната во Украина, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова пред студентите на Универзитетот Колумбија во Њујорк каде што одржа предавање во рамки на Светскиот лидерски форум.

Таа пред академската заедница го елаборираше исходот од бесконечното одложување на ветувањето за европска интеграција на земјите од Балканот.

– Ние луѓето од Балканот секогаш сме се сметале за Европјани, бидејќи секогаш сме биле географски, историски и особено културно дел од Европа. Сега процесот на проширување е повторно на агендата на ЕУ, но не заради поголема Унија туку поради стабилноста, безбедноста. И ова е добра шанса за нас да бидеме на агендата по не знам кој пат, и да го зграпчиме моментумот. Но, во изминатите 30 години ние се обидовме да го зграпчиме моментумот многу пати, а резултатот е 36 амандмани на нашиот Устав, истакна Сиљановска – Давкова.

Сиљановска – Давкова укажа на искуството на балтичките земји кои во процесот на евроинтергација најголемата поддршка ја добија од своите соседи – скандинавските земји и станаа членки, за разлика од земјите од Западниот Балкан каде се појави ветото – членки на ЕУ го искористија својот статус на заштитени членови на семејството за да го спречат напредокот кон Брисел на свои соседи.

– Сметам дека ЕУ треба да ја преиспита својата позиција бидејќи дури и ЕУ денес е во криза. Претходно таа беше синоним за демократија, за владеење на правото, но денес не е така. Денес се соочуваме со криза на лидерство. Можеби односот помеѓу членките на ЕУ и земјите кандидати како нас е погрешен, бидејќи тоа е едноставно однос „слушај и направи“ затоа што вие сте тие кои сакате да ни се придружите. Правилата се јасни, тие се одлични, познати се како Копенхашки критериуми, но ветото не е дел од Копенхашките критериуми, истакна Сиљановска – Давкова.

Претседателката посочи дека проблемот со ветото во нашиот случај е што тоа не се заснова на почитувањето на Копенхашките критериуми туку на барањата кои доаѓаат од нашиот сосед кои немаат ништо со овие критериуми.

– Во Договорот за ЕУ, во Лисабонскиот договор, во Повелбата за основните права ќе прочитате дека ЕУ е горда што претставува единство на различностите и дека ги почитува културниот и националниот идентитет на нациите и државите, и ветото се однесува на овие области. Би го разбрала ветото доколку не го почитуваме владеењето на правото, но не и за работи кои се ад акта во едно демократско општество, како што е идентитетот кој е наше право на самоопределување. Нашиот легитимитет произлегува од граѓаните, ако го смениме Уставот поради волјата на некои земји членки, тогаш во Преамбулата би требало да напишеме „ние народот и меѓународната заедница“, а тоа не е во ред. Исто така верувам дека ЕУ има устав , тој не е кодифициран, но документите кои ги спомнав имаат конститутивно значење и сила. Затоа, ако ЕУ е за демократија и мултилатерализам, таа е исто така обврзана да ги почитува своите конститутивни документи, во спротивно станува збор за лицемерие, оцени претседателката Сиљановска – Давкова.

Би можело да ве интересира

Сиљановска – Давкова: Гутереш изрази целосна поддршка и солидарност со нас, на средбата со Калас укажав на двојните стандарди на ЕУ

Катерина Ѓуровски

Сиљановска–Давкова: Ако сме сериозни во врска со мирот, тогаш време е да го довериме кормилото на ОН на жена

А1он

Сиљановска-Давкова: Инженерите не само што ја обликуваат сегашноста, туку тие ќе ја проектираат и иднината

Одбележување на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Предраг Петровиќ

Сиљановска-Давкова го прими албанскиот претседател Бегај во Охрид

А1он

Сиљановска Давкова нема да предложи нов член на Судскиот совет, ќе го чека новиот закон

Катерина Ѓуровски