Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Општина Прилеп ја продлабочуваат соработката во делот на образованието и науката. За таа цел, ректорот на штипскиот Универзитет, Блажо Боев и прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски потпишаа меморандум за соработка.
„Градот е особено благодарен на ректорот и на Универзитетот „Гоце Делчев“ , затоа што на нивно барање и со нивна заложба пред еден месец во Прилеп беше поставена мерна станица за квалитетот на воздухот. Во моментов, станицата се калибрира, по што ќе знаеме каков е квалитетот на воздухот во Прилеп,“ истакна прилепскиот градоначалник.
Ректорот Боев оцени дека Општина Прилеп е значајна за Универзитетот бидејќи како високообразовна установа се прифатени од градот и имаат свој дисперзиран центар за студиски програми од Природно-техничкиот факултет, Технолошко-техничкиот и Земјоделскиот факултет.
Научно-истражувачката лабораторија „Амбикон“ при штипскиот Универзитет досега за потребите на локалните власти, но и за научно-истражувачка работа, има поставено вакви мерни станици во Скопје, Штип, Струмица, Кавадарци и Прилеп, а следните месеци ќе се постави и во Берово.