Директорот на Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град Штип, Зоран Читкушев и заменик директорот на рудникот „Бучим“-Радовиш, Николајчо Николов денеска потпишаа договор за археолошко-конзерваторски истражувања на локалитетот „Врчва“, кој е во рамките на концесикото подрачје на рудното наоѓалиште „Боров дол“.
Рудникот „Бучим“ кој ја доби концесијата за експлоатација на наоѓалиштето „Боров дол“ кој се наоѓа на територија на општините Конче, Штип и Радовиш по овие истражување ќе може да почне со подготвителните работи за експлоатација на бакар.
Заменик директорот на „Бучим“, Николов вели дека токму ова рудно наоѓалиште ќе значи и продолжување на векот на рудникот „Бучим“, во кого истражувањата потврдија дека има над 50 милиони тони рудни резерви, а кој гарантира најмалку десетгодишна експлоатација. Потпишаниот договор претствува отстранување на единствената пречка, која ја имаше „Бучим“ за отварање на новото рудно наоѓалиште.
– Минатата година ја добивме концесијата за експлоатација на рудното тело, но услов беше детално да се истражи археолошкиот локалитет „Врчва“, кој е во самото срце на концесиоскиот простор. Во моментов се работи на главниот рударски проект и на другата потребна документација. За овој капацитет е значајно тоа што за првпат во историјата на националното рударство имаме рудник кој е на територија на три општини. Имено, „Боров Дол“ со 57 проценти е на територија на општина Конче, со 39 проценти во општина Штип и со околу 4 проценти во радовишка општина. Сите тие ќе имаат постојан годишен бенефит од концесискиот надомест за експлоатација, со отворањето на овој рудник се продолжува животиот век и на рудникот „Бучим“ во чии капацитети ќе се преработува рудата, вели Николов.
Директорот на ЗЗС и Музеј на град-Штип, Читкушев забележа дека археолошките истражувања на овој локалитет, кој е од римскиот период и преставува рударска населба ќе траат 180 дена.
– Во истражувањата ќе бидат вклучени 80-тина физички работници и 20-тина луѓе кои ќе го составуваат стручниот тим на археолози, конзерватори, документатори и други лица кои ќе бидат вклучени во оваа активност, која како што реков ќе се реализира за 180 дена и таа екипа ќе биде за цел период сместена на овој терен, вели Читкушев.
Тој истакна дека по потпишувањето на договорот очекува одобрениот од управата да го добијат за 15 дена, по што ќе почнат со археолошко-конзерваторските истражувања. Рудникот „Бучим“ од Радовиш во износ од 11,2 милиони денари ќе го покрие истражувањето на локалитетот „Врчва“. Доколку истражувањата се одвиваат според планираното, во тој случај веќе од почетокот на наредната година ќе може да почне со експлоатација на бакарна руда на наоѓалиштетот „Боров дол“, а со што е планирано да се вработат дополнително и 100 рудари.