Денеска започнува третата по ред Школа за млади лидери, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.
На свеченото отворање на Школата, на 40-тината овогодинешни учесници ќе им се обрати и Претседателот на Европската академија на науките и уметностите, Феликс Унгер, и Заменикот помошник државен секретар на САД, Филип Рикер.
Предавања на Школата за млади лидери ќе имаат и амбасадорот на САД, Пол Волерс и амбасадорот на Велика Британија, Кристофер Ивон, кои ќе зборуваат на теми поврзани со активното лидерство, како тоа да се спроведе во практика и како да се учи од етаблираните лидери.
Гости предавачи се и: поранешниот личен секретар на принцезата Дајана, Патрик Џефсон, од Њујорк Тајмс прогласен за најпродаван автор, како и Мери Џо Џекоби, која во својата професионална биографија вклучува позиции како специјален асистент на Претседателот Роналд Реган, била именувана од претседателот Џорџ Буш како Помошник секретар за трговија на САД, а од страна на Кралицата Елизабета II за Комесар на Британската државна служба. Поранешниот амбасадор на САД во НАТО и поранешен Заменик помошник државен секретар на САД, г-динот Курт Вокер, исто така ќе им се претстави на младите лидери.
Како предавачи ќе присуствуваат и Државниот министер за владини комуникации во Владата на Унгарија, Золтан Ковач, парламентарецот од германскиот Бундестаг, Томас Хелм, професорот од Оксфорд и долгогодишен наградуван новинар на Би-Би-Си, Ричард Грејсон. Ќе гостуваат професори и од Универзитетот Оберта де Каталуња, Универзитетот Оукланд – Нов Зеланд, Универзитетот од Бостон, Универзитетот од Виена, потоа директори на меѓународни институти и асоцијации, и други успешни лидери од Македонија, Европа и светот.
Целната група на Школата за лидери се млади луѓе на возраст меѓу 23 и 35 години, дипломирани студенти и професионалци чиишто сфери на интерес се цивилното општество, економијата, политиката, и кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Право да учествуваат имаат младите од Македонија, но и децата на нашите иселеници во странство.