Училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје ќе ја добие првата „сензорна градина“ која се наоѓа на отворен простор и со која ќе се унапреди наставниот процес.
Проектот е покренат од Американската стопанска комора во Македонија (AmCham), а Цементарница УСЈЕ е една од компаниите со чија поддршка е реализиран.
– Градините од ваков тип се безбеден простор за лицата со оштетен вид и се користат за да ги вежбаат своите физички вештини кои им се потребни во секојдневието: одење по нерамна земја и други различни материјали како песок и камен, допирање и мирисање, преку кои се препознаваат различни растенија, материјали и текстури, а истовремено се работи и со слух, со цел полесно да се идентификуваат и разликуваат различните секојдневни звуци, се наведува во соопштението од Цементарница УСЈЕ.