Сензорна градина која претставува училница на отворено, специјално дизајнирана да овозможи широк спектар сетилни искуства со цел да ги зголеми сетилните вештини на децата со оштетен вид и да им помогне за полесна ориентација во просторот денеска беше пуштена во употреба во Државното училиште за рехабилитација на деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Проектот е целосно финансиран од компаниите – членки на Американската стопанска комора во Македонија.
На отворањето на оваа прва сензорна градина во Македонија присуствуваа министерот за образование и наука Арбер Адеми, американскиот амбасадор Џес Бејли, извршниот директор на Американската стопанска комора во Македонија, Дијана Десподов, градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски…
– Учениците со оштетен вид од ова училиште добиваат таканаречена сензорна градина во која ќе имаат можности за надградба на физичките вештини, способноста за ориентација и мобилност во простор, за препознавање на карактеристиките и особините на растенијата и земјоделските култури, за следење на нивниот производствен процес итн., рече Адеми.
Посочи дека станува збор за прв ваков проект во земјата кој ќе биде од голема полза во развојот на личните способности и вештини на учениците, а ќе има значење и за наставниците кои им предаваат и кои нема само теоретски, апстрактно да појаснуваат одредени работи, туку ќе имаат можност и практично да ги презентираат и да им овозможат тие да ги искусат на посебен начин прикладен на нивните специфичности.
Министерот додаде дека со оваа инвестиција е направен крупен чекор напред кон прераснување во еден комплетен, модерен центар за образование и рехаблитација на децата и младинците со оштетен вид.
Директорот на Државното училиште за рехабилитација на деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов се заблагодари за реализацијата на проектот и укажа на неговата важност за учениците и наставниците.
Амбасадорот Бејли рече дека создавајќи ја оваа сензорна градина компаниите и поединиците го искажале своето сфаќање дека здравата заедница во која сите имаат можности е добра и за нив, за нивната причина за постоење и препознаваат дека деловниот сектор не постои независно од заедниците, туку постои внатре во општеството и соработува со сите негови чинители, граѓанските организации, властите, за целата заедница да просперира.