Се чека Кембриџ за фалш сертификатите по англиски на кандидатите за обвинители

Од:

Скопското обвинителство не се откажува од истрагата со фалсификуваните сертификати за англиски јазик за кандидатите за јавни обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители.

Од Обвинителството за „А1он“ потврдија дека обвинителот кој го води случајот досега испитал 30 лица, ја собрал документацијата, а се обратил за помош и до Албанија и Велика Британија за да се потврди дали кандидатите за јавни обвинители навистина полагале испит и добиле сертификат за познавање на јазикот.

„Основното јавно обвинителство Скопје се обрати со барања за меѓународна правна помош до институции во Република Албанија и во Велика Британија, бидејќи тоа е единствениот начин да се провери дали лицата навистина полагале и добиле сертификат за познавање  англиски јазик. Одговорите на испратените замолници сè уште се очекуваат“, велат од таму за „А1он“.

Дознаваме дека од Кембриџ, Велика Британија, до Скопското обвинителство во меѓувреме стигнал писмен допис со кој се најавува одговор за барањето на Обвинителството, кое со ургенции барало помош. Временска рамка не била доставена за одговор, па од Обвинителството сè уште ги очекуваат бараните информации.

Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во декември 2017 година го поништи јавниот оглас на Академијата за прием на 60 слушатели на почетна обука за кандидати за јавни обвинители.

Огласот беше поништен бидејќи против пријавените кандидати беше поведена постапка од скопското Обвинителство за кривично дело фалсификување исправа.

Шеста генерација слушатели на обуката во Академијата за судии и јавни обвинители; Врховен суд, октомври, 2019

Директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, за „А1он“ ги отфрли како неточни информациите во јавноста дека во Академијата влегле кандидати за кои има сомнеж дека ги фалсификувале сертификатите за странски јазик, бидејќи, како што кажа, постапката за селекција е сe` уште во тек. „Тестот уште не е завршен. Уште сме некаде на половина. Уште никого не сме избрале“, вели директорката.

Наташа Габер-Дамјановска директорка на Академијата за судии и јавни обвинители

Таа посочи дека од 25 до 29 лица за кои има сомнеж дека ги фалсификувале сертификатите, некои се пријавиле на последниот оглас на Академијата, некои воопшто не конкурирале, а некои отпаднале во досегашната постапка на селекција.

„Бројот на лицата тогаш се движеше некаде околу 25, 29. Сега, од таа група на овој конкурс четворица воопшто не се ни појавиле, не поднеле документи. Петмина од останатите паднале на тестот за јазик сега што го имавме. Потоа други петмина паднале на квалификацискиот тест. Уште неколку паднале на психолошкиот тест. Имаме, условно речено, околу 10 „преживеани“ во оваа фаза. Не знаеме дали понатаму ќе успејат. Од нив, според бројот на освоени бодови само двајца, тројца се на врвот“, вели Габер-Дамјановска.

Директорката на Академијата рече дека не постои законски услов кој предвидува дека лице за кое Обвинителството води предистражна постапка да не може да се јави на огласот.

„Дали можеме да ограничиме едно лице да се пријави на конкурс? Додека не биде осуден, има пресумпција на невиност. Законот за Академијата не предвидува во конкурсните услови дали има некоја постака за вас. Да речеме хипотетички, ако некој сака да конкурира на некоја позиција, може неговите противкандидати да поднесат кривична пријава за да го елиминираат од конкурсот“, вели директорката за „А1он“.

Таа потенцира дека освен тестот за јазик, процедурата предвидува психолошки тест, тест на интегритет, практичен и устен дел, па дури потоа се изготвува конечната ранг листа на примени кандидати. Со измените на Законот, тестирањето за странски јазик наместо со сертификати, се одвива во Академијата.

На свеченост во Врховнот суд месецов им беа доделени дипломите на 37 кандидати од Академијата кои ја завршија обуката и се очекува да бидат избрани за судии и јавни обвинители.

Би можело да ве интересира

Управен суд пресуди во полза на Академија зa судии и јавни обвинители, ја поништи одлуката на Антокорупциска

Антикорупциска решава за приговорот на Силјановска Давкова за тестирањата за прием во Академијата за судии

ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава до ДКСК против Академијата за судии и јавни обвинители за прекршување на Изборниот законик

На погрешната адреса пишана на сајтот била испратена четвртата кандидатурата за директор на Академијата за судии и обвинители

Кристијан Ландов

Академијата за судии и обвинители објавила погрешна адреса додека примала кандидатури за директори, па ја променила откако огласот завршил

Кристијан Ландов

Имаат ли Адеми, Герасимовски и Рајевска легитимитет да бираат директор на Академијата за судии и обвинители, молк наместо одговор

Кристијан Ландов