Амбасадата на Руската федерација во Скопје со низа свечености и манифестации ќе го одбележи 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.
– Во Русија 9 Мај е свет празник, а се одбележува заедно и со другите земји од антифашистичката коалиција. И Македонија како дел од таа коалиција даде свој влог во победата над фашизмот, изјави портпаролот на Руската амбасада Станислав Лупин на денешната прес-конференција.
Тој го најави концертот насловен „За да се памети“ што Амбасадата го организира заедно со руската дијаспора во Македонија на 8 мај во 19:30 часот на платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“. На концертот ќе настапат естрадни уметници од Македонија, како и КУД на руските сонародници во Македонија. На крајот на концертот ќе следи и огномет што според Лупин е традиција и во Русија.
Ќе биде подготвен и прикажан и спот „Бесмртниот полк“ во кој ќе бидат искористени над 40 фотографии обезбедени заедно со Сојузот на борците од НОБ на Македонија на учесници во антифашистичката војна и други институции во земјата. Како што појасни Лупин, станува збор за долга традиција на маршеви низ Русија во сеќавање на хероите и борците на Советската армија кои ги положија своите животи за слободата.
На Денот на победата над фашизмот 9 Мај ќе се одржи свечена церемонија положување цвеќе на споменикот на борците од НОБ кај Кањонот Матка, каде учествувал и еден руски војник.
Михаил Лушин од прес-канцеларијата на Амбасадата информира и за филмската програма во рамки на свеченостите. Во соработка со Кинотеката на Македонија на 12 мај во 20:00 часот ќе биде прикажан првиот дел од филмот „Ослободување“, посветен на борбите водени во 1943 година во Русија за време на Втората светска војна.
Влезот за оваа проекција ќе биде слободен. Во текот на мај исто така во соработка со Кинотека на Македонија и Здружението на руско-македонско пријателство ќе се одржат и филмски ревии во Битола, Прилеп, Охрид и Штип во рамки на кои ќе бидат прикажани четири филма од советската и руската кинематографија.
Предвидени се и две предавања кои ќе ги одржат соработници на Руската амбасада. Едното посветено за ослободување на Југославија и улогата на Црвената армија во тој подвиг ќе се одржи на 6 мај во 19 часот во Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил Методиј“. Второто предавање според програмата ќе се случи на 12 мај во 12 часот на МИТ Универзитетот.
Втората светска војна се смета за најголем вооружен конфликт во светската историја во кој загинаа меѓу 50 и 70 милиони луѓе. Загубите на тогашниот Советски сојуз се проценуваат на 26,6 милиони луѓе. Македонија ја заврши војната со околу 25.000 загинати борци и цивили.