Родителите на трагично починатите деца во несреќата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, испратија писмена изјава до јавноста во која изразуваат длабока болка, но и заедничко и недвосмислено барање за целосна правна разрешница и одговорност од сите инволвирани лица и институции.
– Оваа трагедија ја карактеризираме како масовно убиство и тешко загрозување на човековите животи и безбедноста, и бараме надлежните институции да постапат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународни конвенции. Целосно се оградуваме од каква било политичка манипулација и не дозволуваме овој трагичен настан да се користи за собирање политички поени од кој било субјект, без разлика дали е од власта или од опозицијата. Бараме веднаш да се спроведе независна и темелна истрага за сите околности поврзани со настанот, со цел да се утврди дали биле испочитувани сите законски норми и регулативи за работењето на објектот. Сакаме да знаеме дали дискотеката поседувала валидна документација за работа, дали биле извршени сите потребни контроли од страна на надлежните инспекциски служби, и дали се постапувало согласно законот во делот на урбанистичките, градежните, санитарните, безбедносните и противпожарните стандарди. Потребно е да се утврди дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедија, се истакнува во изјавата.
Родителите потенцираат дека се подготвени да соработуваат со еминентни домашни и странски адвокати кои ќе обезбедат правна поддршка во сите фази на процесот, вклучително и евентуално поднесување предмет пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
-Не бараме ништо повеќе од правда, но таа правда мора да биде неселективна и праведна. Не смееме да дозволиме животите на нашите деца да останат без значење во очите на државата. Одговорност мора да има – како за организаторите и управувачите на објектот, така и за институциите кои дозволиле или не спречиле оваа катастрофа. Животот на нашите деца беше изгубен, но не смее да биде заборавен. Апелираме до Обвинителството и Полицијата да постапуваат без одлагање, професионално и транспарентно, и да ја известат јавноста за секој чекор во процесот. Ако овие институции не постапат соодветно, ќе ги искористиме сите расположливи домашни и меѓународни правни механизми, вклучувајќи поднесување на предмет до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, додаваат родителите.
Во изјавата родителите упатуваат апел дека прашањето за функционирање на институциите и безбедноста на граѓаните не е индивидуален, туку општествен проблем. Тие не бараат посебен третман или политички привилегии, туку државата да си ја заврши својата работа чесно и по закон.
За в сабота, 10 мај е најавен нов протестен „Марш за ангелите“ во Кочани што ќе почне во 16 часот и 5 минути, симболизирајќи ја задоцнетата институционална реакција.