Ристовски: Зајакнувањето на свеста, причина за зголемениот број случаи на семејно насилство

Од:

Во првите шест месеци од годинава во Македонија се регистрирани 415 случаи на семејно насилство. Најголем дел се случаи на физичко насилство, во помал број психичко, а многу мал процент психичко и сексуално насилство. Во пораст е семејното насилство над мажите, кои во 62 случаи пријавиле дека биле малтретирани од своите сопруги.

Бројката на регистрирани случаи годинава е во пораст, со оглед на тоа што во текот на целата мината година имало 730 случаи. Зголемувањето, како што појасни министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се должи на зајакнувањето на свеста кај жртвите на семејно насилство и охрабреноста да го пријават во институциите.

„Од вкупниот број случаи, само 20 се засолнети во регионалните шелтер центри каде им се дава неопходната помош. Од нив, 15 жртви се во центарот во Скопје, четири во Кочани и еден во Свети Николе“, рече Ристовски.

Од денеска во функција повторно е ставен и шелтер центарот во Битола, кој со средства од УНДП беше реновиран изминатите неколку месеци. Македонија во моментов има вкупно четири шелтер центри кои нудат заштита на жрвите на семејно насилство.

Во шелтер центрите жртвите на семејно насилство можат да бидат сместени три месеци, со можност за продолжување за уште три месеци, период во кој се преземат мерки за подобра интеграција на жртвите во општеството. Министерот Ристовски рече дека се работи и на економско закрепнување на жртвите со цел тие да можат самостојно да го продолжат животот.

Тој смета оти четирите центри не се доволни да ја покријат целата територија, но сепак, потенцира дека никогаш не се случило некоја жртва на семејно насилство да не биде згрижена поради недостиг на место, како и дека капацитетите на центрите никогаш не биле исполнети.

„Ако до пред некоја година воопшто не се говореше за шелтер центри сега имаме четири регионални со капацитет кој досега се покажа како доволен. Но, секако, нашите очекувања се дека како што ќе се развива свеста, ќе почне почесто да се пријавува насилството, без разлика дали е физичко и или психичко. Ние тоа ќе го следиме и секако дека ќе отвораме дополнителни шелтер центри“, рече Ристовски.

Во шелтер центарот во Битола, кој од денеска повторно е ставен во фукнција, од отворањето во 2004 година, досега биле згрижени 31 жртва на семејно насилство на возраст од две до 52 години.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Владата преку започнати проекти обезбедува средства за избори

Горан Наумовски

СДСМ: Владата ќе потроши над 350.000 евра за промовирање на својата работа преку бугарска фирма

СДСМ: Дрскоста е одлика на оваа Влада, колку ги чини граѓаните Дејвид Гета имате обврска да кажете!

Горан Наумовски

Владата тврди: Осомничениот возач зел 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра

Горан Наумовски

30 дена притвор за возачот во Владата кој зема поткуп

МВР: Приведен e возач во Владата, фатен e со обележани пари

Горан Наумовски