Република Македонија ќе продолжи силно да ги поддржува сите иницијативи кои во духот на концептот „паметна одбрана“ ќе овозможат регионален развој и меѓусебно поврзување, како столб на заедничкиот пат кон евроатлантските интеграции, посочи министерот за одбрана Фатмир Бесими, на денешната средба со амбасадорите на земјите-членки на Јадранската Повелба (САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора) и шефот на Советодавниот тим на НАТО во земјава полковник Александар Александров по повод преземањето на шестмесечното претседателствување со Јадранската група во првата половина од 2013 година.
На средбата, како што соопшти ресорното Министерство, станало збор за досегашните активности поврзани со проектите кои произлегуваат од Повелбата на Јадранската група, како и за можностите за дополнително регионално поврзување преку нови иницијативи за демократизација и етаблирање на современите вредности во регионот, но и во поддршка на овие процеси на глобално ниво.
Според информацијата, била разгедана Програмата за имплементација на Повелбата во областа на одбраната за 2013 година кој вклучува поголем број активности за време на претседавањето. Министерството за одбрана ќе ги предводи состанокот на политичките директори од земјите-членки на кој треба да стане збор за имплементација на конкретни проекти во духот на „паметната одбрана“ и средби на експертско ниво на кои ќе се разговара за реализација на Мултинационалната иницијатива на НАТО за Балканскиот регионален пристап за противвоздушна одбрана (БРААД) која ќе овозможи размена на информации за набљудувањето на воздушниот простор согласно стандардите на НАТО, т.е. ќе се обезбеди развивање и поврзување на националните капацитети за воздушно набљудување и јавување со Интегрираниот систем за противвоздушна одбрана на НАТО.
– Со цел реализација на оваа иницијатива во тек се подготовките за изработка на Предаквизициска студија за набавка на современи тридимензионални радарски системи меѓу Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од страна на НАТО агенцијата НЦ3А. Имплементацијата на проектот БРААД „де факто“ укажува на посветеноста на регионот кон развој на иновативни и рационални пристапи за изградба на заеднички регионални одбранбени способности во духот на „паметната одбрана“, се вели во соопштението.
Во рамки на регионаната соработка и Јадранската група Министерството предложило повеќе регионални проекти меѓу кои регионална координација и обуки во областа сајбер одбраната врз основа на новиот Концепт на НАТО, обука и сертификација на истурени воздухопловни насочувачи, развој на Регионални наменски медицински сили на ниво 2, проширување на мрежата на регионални центри за обука со Армискиот полигон „Криволак“, еден медицински центар за обука во Скопје и со други центри за обука од другите земји.
Република Македонија, стои во соопштението, има интерес и капацитети за преземање на улогата на водечка земја во развојот на регионалните центри за обука, во доизградбата на капацитетите на постојните регионални центри за обука – RACVIAC во Хрватска, Нуклеарен, биолошки и хемиски регионален тренинг центар во Србија, Регионалниот тренинг центар за поддршка на мировните операции во Босна и Херцеговина, Регионалниот тренинг-центар за комуникации во Македонија и Регионалниот тренинг-центар за хеликоптерски пилоти во Црна Гора.
– На ниво на НАТО, на средбата се истакна дека од интерес на Македонија е да се вклучи во мултинационални проекти на Алијансата во обука и подготовка на силите: обука на високи лидери – жени, „FAC-Forward Air Controllers C imunation and Training „Distributed Training and Exercise (DTE), подводни нуркачи, заштита на силите: заштита од далечински управувани импровизирани експлозивни направи, „Pooling CBRN“ capabilities (регионално групирање), несмртоносни капацитети, одржливост на силите и патролирање во воздушниот простор, се вели во соопштението.
Целите на Јадранската повелба одразени преку политичката рамка на Повелбата, во текот на скоро еднодецениското постоење на Групата А5 имаат своја практична реализација. На годишно ниво усогласени и усвоени се девет Партнерски планови за имплементација на Повелбата во областа на одбраната, со целосна, 100 процентна реализација. Соработката меѓу претставниците на земјите-членки се реализира преку средби на највисоко ниво, однодно на ниво на министри за одбрана, началници на Генералштаб, заменици-министри за одбрана, потоа средби на експерти од повеќе области, воени вежби, заеднички обуки на специјалните сили, соработка на воено-безбедносните служби, соработка поврзана со обуките за односи со јавноста и сл.
Како дел од заедничките проекти кои се двигател на регионалната соработка, но и приказ за заедничките капацитети на земјите од регионот на Југоисточна Европа за промовирање на демократските вредности во глобални рамки, значајни за споменување се распоредувањето на Комбинираниот медицински тим во мисијата ИСАФ во Авганистан во август 2005 година, отворање на Регионалниот тренинг-центар за комуникации во Скопје, во ноември 2005 година, како и формирањето на Школото за обука на обучувачи за воената полиција во рамките на НАТО-мисијата за обука на Авганистанската национална армија.
Соработката во рамките на одбраната во А-3 контекст почна со потпишувањето на Повелбата за партнерство помеѓу САД, Албанија, Хрватска и Македонија, во Тирана, Албанија на 2 мај 2003 година, од страна на министрите за одбрана на трите земји, како и државниот секретар на САД, Колин Пауел. Во декември 2008 година кон овие земји, на Повелбата и се приклучија и Црна Гора и Босна и Херцеговина. Со тоа петте балкански земји-потписнички ја потврдија нивната определба за заедничка соработка низ зајакнување на демократските реформи, почитувањето на човековите права, економските реформи и воспоставувањето на стабилноста и безбедноста во регионот со финална цел, комплетна евроатлантска интеграција на посочените земји.