Во Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“-Скопје целосно се реновирани девет кабинети за индивидуална и два кабинета за колективна настава, за што Министерството за образование и наука обезбеди околу 5,5 милиони денари.
Реновираните простории денеска ги посети министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој истакна дека тие овозможуваат поквалитетни услови за индивудуален пристап, односно за директна работа со учениците.
– Со оглед на зголемениот интерес за упис во ова училиште, Министерството за образование и наука во соработка со раководството на училиштето ја реализираше оваа активност. За поздравување е мотивацијата и интересот на самото училиште и поддршката што му беше дадена на МОН за реализација на проектот, зашто повеќе од 25 години овде не е реновирано ништо. Од неговата изградба ова е најголемата инвестиција на Министерството за образование и наука, изјави министерот Ристовски.
Тој додаде дека покрај реновирањето на кабинетите, со поддршка на МОН е набавена и дополнителна музичка опрема, неопходна на часовите во „Илија Николовски-Луј’.
Директорот на училиштето Јован Бицевски истакна дека од инвестицијата ќе бидат задоволни сите ученици, нивните родители и наставниците. Од квалитетните услови, рече тој, ќе бидат задоволни не само македонските државјани, зашто во нивното училиште се едуцираат и Норвежани, Англичани, Американци, Корејци и Бразилци.