Екипи на ЈПКД Брегалница“ ја реконструираат пешачката зона меѓу улиците Солунска и Јане Сандански. Како што информираат од Општина Делчево, станува збор за реконструкција на постојните скали за пешаци, на постоечкиот отворен канал за атмосферска вода, на постоечката решетка со чистење на подземениот канал, партерно уредување и поставување заштитна метална ограда.
Од Општина Делчево додаваат дека во меѓувреме течат финалните подготовки за почеток на реконструкцијата на крак од улица „М.М. Брицо“ кој се протега помеѓу објектот старо собрание и ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев”. Ќе се изврши реконструкција со нов асфалт во должина од околу 240 метри. На барање на жители во тек се и подготовки за реконструкција на дел од улицата „Кирил и Методи“ во населбата Милково Брдо во должина од околу 130 метри.
Деновиве Општина Делчево објави повик за доставување понуди за изведување градежни работи: реконструкција и доградба на улицата „Светозар Марковиќ“ и реконструкција на дел од улицата „Маршал Тито“, како и реконструкција на улицата „Питу Гули“. Понудите ќе се отвораат на 5 мај оваа година, а проектот се реализира преку грант средства од Европската комисија во рамки на ИПА фондот за рурални инвестиции на Европската комисија за реконструкција и развој, за Проектот за подобрување општински услугите (МСИП).