Она што граѓаните на Република Македонија одамна го знаат е фактот дека „Ако СДСМ ве обвинува за било што – вие сте на вистинскиот пат“. Оттука, денешните обвинувања од страна на оваа партија за некакво злосторство врз Плаошник, се само јалов обид да се сврти вниманието на јавноста од отсуството на визија и безидејноста на СДСМ за унапредување на состојбите во културата.
Ова е реакцијата на Министерството за култура по денешните обвинувања на СДСМ во врска со градежните активности на Плаошник.
Министерството го повикува СДСМ, наместо да ги критикува бројните реализирани проекти во областа на културата, да понуди програма или барем еден проект кој ќе биде во полза на културата и на граѓаните во РМ.
– Загрижувачкиот степен на непознавање на проблематиката од областа на заштитата на културното наследство, како и фрапантниот степен на неинформираност за теми кои едноставно не се разбираат, за жал беа и остануваат главни карактеристики на културните политики на СДСМ денес. а нас е неприфатливо терминот „злосторство“ да се поврзува со археолошкиот локалитет Плаошник кој има посебно културно, историско духовно и религиозно значење за нашата држава, како седиште на Охридската книжевна школа, како наша универзална вредност. За нас е неприфатливо е да се девалвира трудот на повеќе од 100 стручни лица и преку 500 работници кои работеа на истражувањата на Плаошник и кои во слоевите на овој локалитет на површина од 27000 метри квадратни пронајдоа преку 65.000 артефакти и конзервираа голем дел од нив, наведува Министерството.
Да се споменува терминот „злосторство“ а притоа да се заборават десетте години на културна апатија во времето кога СДСМ ја практицираше власта во најмала рака, додава Министерството, е навреда на колективното памтење на граѓаните.
– Нема поголемо злосторство од тоа што во деценијата кога СДСМ владееше во РМ не беше заштитен ниту еден единствен споменик на културата, не беше обновен ниту еден единствен дом на културата, не беше изграден ниту еден единствен театар. Нема поголемо злосторство од тоа што во времето на владеење на СДСМ не беше откриен, истражен или заштитен ниту еден археолошки локалитет, не беше преведена ниту една единствена книга од македонски на било кој странски јазик. Злосторство е што во времето на СДСМ континуирано се покажуваше негрижа за културата, за културните вредности, за културните работници во земјата, реагира Министерството.
Според него, СДСМ го потценуваше и денес се уште го потценува трудот и ангажманот на сите актери, режисери, музички уметници и стручни лица кои во изминатите години посветено работеа на заштитата и промоцијата на непроценливото македонско културно наследство. – Нема поголемо злосторство од немањето респект кон уметниците кои се најголема гордост на РМ, од немањето респект кон сопствената историја, култура, кон културното наследство, подвлекува Министерството за култура.