Сашо Дранго е разрешен од функцијата заменик-директор на ЈП „Македонија пат“, а на негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.
За назначувањето на функцијата заменик-директор информираше самиот Шуковски на неговиот фејсбук профил.
– Дадената доверба е голема обврска, но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена, напиша Шуковски.
Сега веќе екс заменик директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, стана познат со тоа што гордо се фотографираше со мечка што ја застрелал во декември 2024 година, објави невладината организација за заштита на животните „Анима Мунди“.
Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
„Фотографиите до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи. Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела. Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?“, изјавија во јануари од Анима Мунди.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.
„Потенцираме дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и наоружан до заби убива“, велат од здружението и најавија кривична пријава против Дранго.