Одеднаш слушнавме силна експлозија и земјата и куќата се стресоа. Слушнавме експлозија. Мислевме дека е земјотрес. Излегов надвор и тогаш видов што се случило. Целиот тој дел од улицата експлодирал и парчиња од асфалтот летнале. Потоа се појави оваа дупка. Пукнала цевката од притисок. Овде асфалтот на оваа уличка е неколку сантиметри, а за изградба на згради тука поминуваат огромни и тешки камиони. Беше прашање на време кога ова ќе се случи – вели жител на Влае кој живее на стотина метри од местото каде што експлодираше Ф-600 цевка.
Поради тоа, без малку во половина Скопје, пред се во Влае, Карпош, Тафталиџе, Козле, па се до Центар, имаше помал притисок на вода и таа течеше со сериозно намален капацитет.
Експлозијата се случи на крајот од улицата Франц Прешерн во Влае, во делот од улицата што оди покрај самиот Вардар. По улицата буквално тече уште една помала река. Екипа на Водовод дојде, но практично немаше што многу да се стори. Половина час се мислеа како да најдат ленти и евентуално ротациони светла за да го заградат местото (на крај на едната страна ставија некакво буре кое го најдоа тука, а со кое беше покриена друга длабока шахта), за да не се случи некој со автомобил да се залета и да пропадне во дупката од околу еден метар, а која има, во површина повеќе од десетина метри квадратни. Распуканиот и пропаднат асфалт сведочи за силината на експлозијата, со што станува јасно зошто земјата и куќите во околината се затресла, а жителите мислеле дека е во прашање земјотрес.
Од „Воводовд“ велат дека поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем.
„Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се 2 дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите. Поради овие дефекти, во неколку населени места од градот дојде до прекин на водоснабдувањето, но по брзата рескција на нашите екипи водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот. Екипите на ЈП Водовод и канализација веднаш излегоа на терен и работат интензивно на санација на дефектите, со цел во најкраток можен рок да се обезбеди целосна нормализација на водоснабдувањето. Ви благодариме на разбирањето и трпението, при што навремено ќе информираме за текот на санацијата“, се вели во соопштението од „Водовод“.