Психолошки тестови за идните наставници и професори

Од:

Наставниците во основното и професорите во средното образование кои треба да полагаат приправнички испит имаат законска обврска да положат психолошки тест согласно Законот за основно и средно образование.

Ова го изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод реконструкцијата на спортските сали во основните училишта во општина Аеродром.

 Психолошко тестирање е обврска согласно Законот за основно и средно образование кое сега стапува на сила. Со психолошкото тестирање планирано е да бидат опфатени сите наставници во основно и професори во средно образование кои предаваат и кои треба да полагаат приправнички испит, рече Ристовски и додаде дека психолошкиот тест е услов за да полагаат приправнички испит.

Ова, според министерот, е исклучително значајна реформа, бидејќи како што истакна, лицата кои работат со учениците треба да имаат соодветен квалитетен профил и треба да ги градат учениците во вистински личности.

– Со психолошкиот тест очекуваме во многу да се зголеми квалитетот во оценката на тоа кои личности може да работат со деца и кои личности не може да работат со деца. Имено ако не се положи психолошкиот тест тие лица  не може да продолжат со приправничкиот стаж, односно им прекинува работниот ангажман, нагласи Ристовски.

Според него, постоењето на еден ваков тест ќе ја расчисти сликата и потоа нема да се доведуваме во ситуации да имаме немили или непромислени потези од определени наставници во однос на дечињата.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со одредени забелешки од родители во врска со екстерното оценување, министерот Ристовски апелираше до родителите и учениците кои имаат било какви забелешки поврзани со прашањата или содржината на тестовите од екстерното тестирање да упатат известување по електронска пошта или лично да достават до Државниот испитен центар.

– Подготвени сме да ги разгледаме и да се соочиме со тие прашања кои за нив создавале дилеми. Јас не би сакал да квалификувам, ниту да давам оценки, затоа што можеби станува збор за погрешно пренесување на дел од наставната програма, а можеби некои наставници надвор од она што е наставна програма одлучиле да  прескокнат делови кои се содржински составен дел на определен учебник, рече министерот.

Во контекст на тоа додаде дека во оваа фаза не може да даде конкретен одговор по овие дилемите но, како што рече МОН е отворено за сите сугестии и забелешки во тој дел.

– Доколку има било какви забелешки очекувам родителите и учениците да се обратат до Државниот испитен центар. Сериозно ќе ги разгледаме забелешките и доколку констатираме дека се реални и навистина создале проблем во решавањето на тестовите кај децата можно е истите да бидат предмет на дополна анализа, рече Ристовски и додаде дека ако се констатира дека прашањата не се дел од наставна програма автоматски може да се дисквалификуваат од вкупниот број на прашања кои се предмет на екстерното тестирање.

Министерот рече дека екстерното тестирање ќе има многу корекции во текот на следната година, а една од забелешките која ја добиле е да се создаде можност самите ученици веднаш по завршувањето на тестирањето да го видат резултатот. Тој додаде дека сега постои можност за увид во тестовите, односно дека родителите и учениците треба да се обратат до соодветната комисија во училиштето.

– Нашата интенција е догодина тоа да биде многу побрзо и потранспарентно и е една од фазите која ќе биде преземена во насока на корекција на она што беа забелешки од досегашната имплементација на екстерното тестирање, нагласи министерот за образование.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Не дозволувам политички партии да печалат поени и да враќаат рејтинзи преку игри во образованието

Предраг Петровиќ

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот