Просечната оценка што ја постигнаа матурантите при полагање на државната матура годинава е 3,11, истакна на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.
Сите ученици ќе можат да ги видат резултатите на огласните табли во училиштата, како и на веб-страницата matura.gov.mk. Незадоволните кандидати имаат можност утре и задутре да достават приговор до Државниот испитен центар.
Министерот Адеми информира дека за јунскиот испитен рок се пријавиле 18.370 кандидати.
– Просечната оценка по мајчин јазик и литература (македонски, албански и турски) е 2,99, а вкупно беа тестирани 17.560 кандидати. Просечните постигнувања по математика, основно ниво изнесуваат 3,04, исто како и постигнувањата по предметот математика, напредно ниво, рече Адеми.
По предметот математика годинава има зголемување на бројот на пријавени кандидати. Математика, основно ниво, годинава полагаа 2.354 кандидати, за разлика од лани кога полагаа 2.142 кандидати. Годинава математика, напредно ниво, полагаа 25 кандидати, а лани само 12 ученици.
– Странски јазици полагаа 16.575 кандидати и постигнат е просечен успех од 3,43. 4.801 кандидат полагаше филозофија, а просечната оценка е 3,98. Предметот естетика го полагаа 150 кандидати, а остварија просек од 3,82. Хемија полагаа 365 кандидати и постигнат е просечен успех од 3,36. Вкупно 3.106 кандидати полагаа биологија и постигнаа успех од 3,42, рече Адеми.
Сто триесет и еден кандидат полагале физика, а постигнат е просек од 3,68. Историја полагале 2.657 кандидати, а постигнатиот просек е 2,99.
Министерот Адеми информира дека годинава првпат на матураните им бил понуден и предметот бизнис, кој го полагаа 4.850 кандидати, а просечната оценка е 3,27. Ова, како што рече, упатува на голем интерес за оваа тематика.
Годинава процесот, како што рече, се спроведе во најдобар ред, а го следеа околу две илјади обучени тестатори, наставници, 500 оценувачи, 24 локални координатори и членови на комисии за приговори, како и 200 овластени набљудувачи.
Полагањето државна матура во Македонија се реализира од учебната 2007/2008 година.
Следната испитна сесија за матурантите е во август. На 11 август се полага мајчин јазик и литература, на 13 август странски јазик, на 14 август математика, естетика и филозофија, а на 16 август се полага биологија, хемија, физика, историја и бизнис.