Промовирани нови 60 аудио книги за слепи и лца со оштетен вид

Од:

Нови 60 наслови на аудио книги наменети за слепи и лица со оштетен вид беа промовирани денеска во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“. Новите аудио книги се лектири од основното и средното образование, детски приказни, научна литератира, книги за историјата на Македонија и бестселери.

Аудио книгите, како што најави на промоцијата министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ќе им бидат отстапени на НУБ „Климент Охридски“ по пет копии од секој наслов, дополнително по три копии ќе добие Националниот сојуз за слепи лица и по две копии ќе добие Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

– Во четиригодишниот период планиравме да снимиме 400 наслови на аудио книги, но планираме да го надградиме и зголемиме опфатот на снимени книги во наредниот период. Досега имавме две промоции на кои беа презентирани 80 наслови на аудио книги, рече Спасов.

Најави дека овој проект ќе продолжи да се реализира за што, како што информира, веќе е потпишан договор за снимање на 200 наслови аудио книги кои треба да бидат завршени до крајот на годината. За досегашната реализација на проектот се издвоени 2,5 милиони денари.

Претседателот на Сојузот на слепи лица Жарко Селковски, изразувајќи благодарност до МТСП и Владата, истакна дека тие имаат огромно разбирање за потребите на слепите и слабовидни лица и додаде дека овој проект за аудио книги е од особено значење за слепите кои, како што рече, литературно ќе можат да се надградуваат и да се образуваат на македонски јазик.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека овој проект е многу значен бидејќи, како што рече, преку него во голема мера ќе се зголеми фондот на аудио книги, ќе се унапреди образовниот процес на слепите лица и ќе се подигне нивото на нивната интелектуална култура.

– Денеска претставуваме 60 дела на еминентни автори од сите генерации писатели од Република Македонија и од светот, дела со високи книжевно-естетски вредности кои ги прикажуваат развојните процеси и достигнувања на македонското книжевно творештво, но и врвовите кои ја одбележаат историјата на светската литература. Во овие наслови се вклучени наградуваните остварувања на Венко Андоновски, Блаже Миневски, Стојан Тарапуза, Александар Прокопиев, но и значајните дела на најафирмираните поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори и есеисти од светската литература  како Коелјо, Свифт, Даниел, Кафка. Од исклучителна важност е што  токму овие наслови кои ќе бидат достапни и во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје, во Одделението за слепи и слабовидни лица, рече таа.

Според неа, секој поединец треба да има еднакви права и можности за учество во сите сфери на општествениот живот и заради тоа, како што рече, како и досега така и во иднина Владата ќе продолжи континуирано да ја унапредува положбата на слепите лица  во мерка која е примерна на секое цивилизирано општество. Ќе настојуваме, додаде, овие лица што повеќе да ги развиваат своите креативни потенцијали и да бидат активни чинители во креирањето на културниот мозаик на нашата држава.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Иван К. Заров рече дека Центарот за слепи и слабовидни лица, кој функционира во рамки на оваа институција и каде, меѓу другите, се и аудиокнигите од овој проект, им дава информациски и библиотечни услуги на корисниците со оштетен вид.

– Со опремата со која располага, но и со опремата што допрва треба да се обезбеди, ќе ги обединува сите услуги за лицата со оштетен вид во Македонија. Користењето на печатените материјали на Брајово писмо и на снимените аудио материјали односно звучни книги за слепите и за слабовидните лица е бесплатно, рече Заров.

Досега, со претходните две и денешната промоција, достапни на корисниците им се вкупно 160 наслови на книги снимени во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“.

Би можело да ве интересира

Меѓународен ден на Брајово писмо и образование на лицата со оштетен вид

Ана Ололовска

Апликацијата со која слепите лица пишаниот текст ќе го слушаат во аудиоформа достапна и на албански јазик

Ана Ололовска

Слепите лица и лицата со пречки во видот добиваат бесплатна дигитална алатка – Аудио читач “Кико”, достапна на македонски јазик, применлива без интернет поддршка

Ана Ололовска

„Новогодишна сказна“ – двојазична сликовница за деца со оштетен вид

Катерина Ѓуровски

Национален сојуз на слепи: Еднаш годишно направете офталмолошки преглед

Ана Ололовска

Здружението на слепи лица во Штип со проект за надминување на предизвиците од коронакризата

Ана Ололовска