Шеснаесет метри кубни отпад е собран во дводневната акција што се спроведе за чистење на дел од брегот на езерото „Младост“.
Како што информира за МИА, Тодорка Андреевска портпарпл на ЈКП „Дервен“, се чистеше просторот околу летниковците, крајбрежниот појас и покрај двете страни од патот кој води до двата мотела и сателитската населба.
– Целта на оваа пролетна акција беше да се подготви теренот за пролетните и летните месеци, кога овие локации се многу посетени од граѓаните на Велес. Воедно апелираме до посетителите да се однесуваат еколошки посовесно и сметот да не го расфрлаат насекаде туку во поставените контејнери и корпи за отпадоци, потенцира Андреевска.
Воедно информира дека за чистење на патеката за пешачење покрај езерото „Младост“ од другата страна на езерото, надлежна е Општина Велес, а која треба да им наложи нејзино чистење.
– Да потсетам и поставувањето на корпи и отпадоци е во надлежност на Општина Велес, а наша задача е истите да ги лоцираме на одредени локации покрај езерото „Младост“,потенцира Андреевска.
Од Општина Велес најавуваат дека деновиве ќе се одржи и акција за чистење на патеката за пешачење покрај Езерото „Младост“,која буквално е затрупана со отпад од несовесните посетители кои се најбројни во деновите на викенд.