Пред НВО секторот во Македонија денеска беше промовиран проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“-Претпријатија и индустриска сопственост“, финансиран од Европската унија.
Софија Цали Кузманова, проектен менаџер во ПСМ Фондација истакна дека проектот има за цел да ги вклучи активно граѓанските организации во процесот на креирање јавни политики и реформскиот процес на ова поглавје, се со долгорочна цел за придонес кон интеграција на Македонија кон ЕУ.
– Проектот нуди финансиска поддршка за граѓанските организации од 60 илјади евра за осум проекти, четири национални и четири локални проекти кои ќе се спроведуваат во текот на шест месеци. Преку овој проект на граѓанските организации им се нудат различни програми за развој и градење на нивните капацитети, изјави Кузманова.
Таа најави дека ќе се формира ресурсен центар за Поглавје 20, каде ќе може на едно место да се најдат сите материјали кои се потребни за едукација и развивање на нивните капацитети. Ќе се креираат шест работилници за граѓанските организации со странски експерти.
Кузманова појасни дека наскоро ќе се објави повик за финансирање проекти на граѓански организации. Тие ќе бидат информирани на кој начин, како и кога може да аплицираат. Заинтересираните повеќе информации може да добијат на сајтот на www.yes-network.org.