Штрајкувачките одбори на „Вест“, „Утрински“ и „Дневник“ со симболично делење на петилјадитиот број на весникот „Вест“ го одбележаа петтиот ден од штрајкот на медиумските работници од МПМ. Како што беше најавено, од денеска вработените ќе штрајкуваат 6 часа.
– Прекинот на работата заради неисполнетите барања за плата и за хонорари продолжува, но и нашата подготвеност за конструктивна комуникација. ССНМ и штрајкувачките одбори уште еднаш потенцираат дека станува збор за легитимна акција која не е со цел да се наруши угледот на весниците ниту на МПМ. Токму спротивното. Во заеднички интерес на сите е опстанокот и успешно работење на брендовите во чие што градење многумина кои денес штрајкуваат се вклучени со сиот свој професионален и човечки капацитет. Mенаџментот упорно одбива средба со претставниците на штрајкувачкиот одбор.Тензиите се зголемуваат. Со тоа и неизвесноста. Зголемувањето на времето на штрајкот е директeн резултат на однесувањето на менаџментот, се вели во соопштението на ССНМ.
Медиумските работници од МПМ денеска добија поддршка од повеќе синдикати како УПОЗ, СИЕР, АГРО и СУДКОС.